На 22 декември, во Националната галерија на Република Северна Македонија, во просториите на мултимедијалниот центар „Мала станица“ беше отворена изложбата „Сајберкултура“.

Станува збор за изложба на уметнички изрази и дела на средношколци од осум различни училишта кои твореле на иста тема поврзана со сајберкултурата што често се поистоветува со дигитална култура, виртуелна култура, интернет-култура и други.

„Проектот „Сајберкултура“ е своевидно огледало на оваа наша стварност, еден вид одговор на сето она што се случува во светот на она што се случува кај овие млади луѓе, без разлика дали се деца од редовната настава или деца со попреченост. Какво е влијанието од прекумерното следење на социјалните мрежи? Дали интернет управува со нашите животи? Можеби светот најпосле ќе се смени откако ние прво ќе се смениме? Можеби треба да бидеме повеќе свртени едни кон други и да покажеме грижа и љубов без задршка?… Со овој проект ги начнавме ваквите современи прашања“ се вели во кураторскиот текст на кустосот и организаторот на изложбата, Маја Димитрова.

Учениците од средните гимназиски училишта „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“, од средните училишта „Зефлуш Марку“, „Лазар Танев“, „Арсени Јовков“, ДУЦОР „Партенија Зографски“ и AHHS American High School изработиле цртежи, скулптури, колажи, дигитални творби во кои се раскажува за влијанието кое често може да се пројави како негативно и кое потекнува од интернетот и социјалните мрежи Инстаграм, Твитер, Тик-Ток и други.

 

Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ.