Саемот за книга со 25 отсто поголема посетеност во однос на лани

Уште една позитивна страна од јубилејното издание на Саемот на книга е што едни од најбројните посетители оваа година се токму младите и учениците од разни училишта во државата, факт што влева надеж за идните генерации и нивните навики, велат организаторите

Фото: Саем на книга

Јубилејното 35. издание на Саем на книга веќе е во полн ек, а во скопската арена „Борис Трајковски“, има голем број посетители кои ги разгледуваат саемските понуди на штандовите на повеќе од 60 издавачки куќи.

„Организаторот посочува на позитивен раст од 25 отсто поголема посетеност во првите три дена од годинешниот Саем на книга, во однос на минатата година. Истото не е изненадувачко, имајќи ги предвид програмата во промотивниот центар како и многуте промоции на издавачите, во склоп на својата програма, коишто годинава се значително диверзифицирани и многубројни. Очекувано, сето е во улога на магнет за љубителите на книгите, кои се центарот и целта за постоењето на овој саем. Организаторот очекува бројот на посетители оваа година да достигне 30.000, како во предпандемичниот период, а средбите со авторите, работилниците, трибините, секако придонесуваат за истото“, стои во официјалното соопштение.

Голем број на реномирани и познати авторски имиња веќе се појавија и се дел од програмата, како на пример, Игор Џамбазов, Влада Урошевиќ, Ана Јовковска, Венко Андоновски, Васил Мукаетов, Наташа Сарџоска, Велко Неделковски, Станислав Петковски-Сашо, Виолета Танчева-Златева, Вања Изова, Петар Андоновски, Анде Јанков, Ана Аврамовска, Дарко Симуновски, Александар Прокопиев, Бистра Георгиева, Игор Станојоски, Жарко Кујунџиски и други.

Денеска, интернационалното име во светот на модерната литература, авторот Крис Картер, во организација на „Сакам книги“, од 12 до 15 часот ќе го посети Саемот на книга на штандот на издавачот.

„Уште една позитивна страна од јубилејното издание на Саемот на книга е што едни од најбројните посетители оваа година се токму младите и учениците од разни училишта во државата, факт што влева надеж за идните генерации и нивните навики“, велат организаторите.

Саемот на книга 2023 трае од 4 до 10 мај година, во арена Борис Трајковски, од 10 до 20 часот, а последниот ден саемот ќе биде отворен до 18 часот.