Во Скопје денеска и утре е во тек Саемот за образование, на кој учениците, студентите и родителите имаат можност да се запознаат со академските и професионалните можности што ги нудат домашните универзитети, компании и организации. Настанот, кој се одржува во Скопје Сити Мол, има за цел да ги поттикне младите да изберат домашни високообразовни установи и да ги поврзе со работодавците, создавајќи мост помеѓу образованието и пазарот на труд.
На саемот учествуваат над 12 универзитети со повеќе од 90 факултети, како и компании и институции кои нудат можности за пракса, вработување и развој на дигитални вештини. Освен академските опции, посетителите можат да се информираат за стипендии, програмите на Еразмус+, како и советувања за избор на соодветна професија.
Гоше Николов, организатор на настанот и основач на платформата „Студентарија“, изјави дека една од главните цели на Саемот е да ги поттикне студентите да избираат македонски универзитети наместо да се запишуваат на студии во странство.
„Важно е да ги поддржиме младите во нивниот образовен и кариерен пат, да им дадеме информации за можностите во земјата и да им помогнеме да донесат информирани одлуки,“ истакна Николов.
Настанот го поддржува и Министерството за образование и наука, а министерката Весна Јаневска ја истакна важноста на ваквите иницијативи.
„Сакаме да создадеме систем во кој студентите ќе имаат модерен, квалитетен и применлив образовен процес. Нашите факултети треба да ги приспособат програмите кон потребите на пазарот на труд, а компаниите да отворат можности за младите да стекнат практични искуства. Ова е начинот да ги мотивираме студентите да останат во земјата,“ изјави Јаневска.
Саемот нуди богата програма со интерактивни работилници, панел-дискусии и експертски предавања. Настанот претставува одлична можност за младите да стекнат информации за идните можности во земјата, а за универзитетите и компаниите да ги претстават своите програми и отворат врати за нови таленти. Организаторите се надеваат дека овој настан ќе придонесе кон градење поразвиен академски и кариерен екосистем во Македонија.