Саем на независни издавачи ФИЈУК утре во библиотеката „Браќа Миладиновци“

Овој саем досега е одржуван три пати на БОШ Фестивалот, а неговото прво издание во Скопје е најава за 15-тото издание на фестивалот кој ќе се одржи оваа година од 18 до 20 август во Гевгелија

Во скопската библиотека „Браќа Миладиновци“ утре од 14 до 21 часот ќе се одржи саемот на независни издавачи ФИЈУК, на кој ќе учествуваат 20-тина излагачи. На настанот ќе има и три мини соло изложби, работилница за колаграфија и музичка програма (Гола Планина Колектив).

„ФИЈУК САЕМ е настан инициран од колективот Матријаршија во Белград, со цел да собере на едно место што поголем број на мали издавачи кои се бават со уметничка продукција, со цел нивно поврзување, вмрежување и поголема видливост. Истиот се шири во овој формат и под ова име и во Хрватска, Шведска, Словенија со повремени настани кои привлекуваат значителен број на публика и е секогаш поддржан со музичка програма“, велат организаторите од Партизанска штампа, Арт Еквилибриум и Гола Планина Колектив.

Овој саем досега е одржуван три пати на БОШ Фестивалот, а неговото прво издание во Скопје е најава за 15-тото издание на фестивалот кој ќе се одржи оваа година од 18 до 20 август во Гевгелија.

„Фијук е место на нови идеи, реализирани во различни материјални форми, графики, плакати, постери, музика, мапи, арт книги, фотографии или монотипии. Фијук е простор за средби, размени, разговори, љубови и симпатии, каде ќе го најдете она парче среќа што долго го баравте“, велат организаторите.