Саем на книга 2022: Кај читателите е зголемен интересот за домашна литература

Фото: мета.мк

Изминатава недела, почнувајќи од минатиот вторник, па сè до денеска, под покровителство на Министерството за култура на Република Северна Македонија се одржа 34 меѓународен Саем на книга 2022.

Повеќе посетители и љубители на книгата од земјава и странство имаа прилика да ги посетат бројните штандови со најразлична литература напишана и преведна на македонски, албански и турски јазик.

По пауза од две години поради состојбата со пандемијата, саемот се одржа во својот редовен термин во спортскиот центар Арена Борис Трајковски, а посетителите можеа да дојдат во неограничен број и повторно да се потсетат на еуфоричното чувство како е да се купуваат книги поставени во голем број и избор понудени од мноштвото издавачи. На годинешниот саем присуствуваа делегации од Министерството за култура и туризам на Република Турција кое во соработка со Турскиот Културен Центар „Јунус Емре” и Министерството за култура на Република Северна Македонија им овозможи на уметници и автори да допатуваат од Турција за промоција и потпишување на своите книги.

На свеченото отворање на 3 мај, свои обраќања имаа министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски и писателот Петар Андоновски кој во 2020 година ја доби Европската награда за литература за романот „Страв од Варвари“.

Според издавачите и вработените кои седум дена зад штандовите верно ги услужуваа посетителите, посетеноста оваа година речиси е споредлива со саемите што се одржуваа пред пандемијата.

Денот на македонскиот јазик, 5 мај беше одбележан со промотивен настан насловен „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!“ при што им беше оддадена почит на големите македонски творци, Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев и други.

Редакцијата на „Мета.мк“ при посетата на саемот разговараше со неколку претставници од издавачките куќи кои издаваат литература на домашни автори во врска со интересот на читателите за младите и повозрасните писатели кои пишуваат на својот мајчин јазик како и за желбата на писателите да издаваат свои книги на македонски.

„На нашиот штанд од македонската литература, јас би ги истакнал писателот Коста Петров со книгата „Што ќе кажат другите“, Ана Јовковска со „Емотивен талог“, младиот автор Кристијан Станковски со својата прва книга „Живот“, двете книги на Илина Арсова. А имаме и литература за деца, тука се изданија на Венко Андоновски и секако Винка Саздова која за време на саемот имаше промоција на својата нова книга „Стела и Сани“ за што забележавме навистина многу голем интерес. Нашиот штанд беше полн со посетители“, вели Андреа Марковски, вработен во одделот продажба на издавачката куќа „Три“.

Фото: мета.мк, штанд на издавачка куќа „Три“

Марковски вели дека на овој саем побарувачката за македонска литература на нивниот штанд е значително зголемена, а во однос на возраста на читателите, тој истакнува дека интерес се пројавува кај сите возрасти, особено кај најмладите поради нивниот зголемен издавачки опус во книжевноста за деца.

„Верувајте дека интерес за издавање има секогаш. Ние издаваме книги чија содржина се вклопува во нашата претходно одредена програма, но се обидуваме да најдеме заеднички нешто со цел да им излеземе во пресрет на што повеќе надежни автори. Сметам дека интересот за издавање на книга кај македонските автори станува тренд што со текот на годините ќе се развива и бројките на заинтересирани читатели ќе одат само нагоре“, додава тој.

„Интерес за издавање кај македонските автори има секогаш“ – Андреа Марковски, „Три“

Младата авторка, Мирјана Проданова која се потпишува на книгите „Сопругата на детективот“ (2020) и „Сите ја сакаат Марта“ (2022) во издание на „Сакам книги“ додека ни ја потпишуваше најновата книга ни откри дека пишувањето со „Сакам книги“ е вистинска среќа.

„Отсекогаш си велев дека ако некогаш издадам своја книга тоа ќе биде со оваа издавчка куќа. Јас мислам дека има простор за пишување на нашето поднебје и поради тоа би продолжила да пишувам и издавам тука и на мојот јазик, а тоа им го препорачувам и на сите кои сѐ уште размислуваат“, забележува Проданова.

Фото: мета.мк, штанд на издавачка куќа „Три“

Од издавачката куќа „Полица“ велат дека со издавање на македонски автори започнале скоро, во последните неколку години. Досега забележале интерес, а истиот како што вели уредничката Зорица Кранфилова се должи на тоа што писателите ги следат светските трендови и актуелни теми пристуни на светската книжевна сцена.

„Не би рекла дека има критериум за возраст за читателите кои речиси во ист број бараат домашна литература со оние кои бараат преведена литература. Исто така, кај нас се упатуваат повеќе млади автори, односно дебитанти и почетници со кои имаме одлична соработка“, нагласува Каранфилова.

Некогашната новинска агенција, а денешна издавачка куќа во уредништво на Филип Батковски, издавачката куќа „Бата прес“ пред две години ја објави книгата „Куќата со жолта фасада“ на писателката Билјана Мартиновска за која како што вели Батковски имало голема побарувачка и биле испечатени илјадници примероци.

„Минатата година ја објавивме и книгата „Равенка на стравот“ на младата авторка Верица Мукоска што исто така беше успешна, а целиме и кон тоа да издаваме уште повеќе домашна литература бидејќи интересот низ годините расте и ќе продолжи да се зголемува“, забележува главниот уредник на „Бата прес“.

Покрај издавање на македонска литература, „Бата прес“ активно ги наградува своите читатели и со изненадувања како посети и потпишувања од страна на авторите на преведените дела. За време на саемот, имаше промоција на книгата „Заспаниот град“ на која беше присутен и чешкиот автор Мартин Вопенка, а промоции со авторките имаа и книгата „Во заседите на медуза“ од турската писателка Ѓулшах Еликбанк и книгата „Свети ереси“ од Лиза Макинерни.

„Мислам дека македонските автори се во подем и дека иднината е во нив“ – Филип Батковски, „Бата прес“

Убаво е што може да се заклучи дека во време на дигитализација со литература достапна онлајн, сѐ уште постои интерес кај македонската читателска публика за читање на печатени изданија, а навистина е освежувачки што популарноста на македонските автори кои творат на мајчиниот јазик со доспев на богати реченици со оргининални мисли расте со текот на годините.