Фото: René DeAnda на Unsplash

САД сè уште не најавуваат нови имиња опфатени со извршната наредба на претседателот Џо Бајден, изјави за Гласот на Америка портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, одговарајќи на прашањето кога би биле ставени на црна листа потенцијално нови лица.

„Но, оваа алатка ќе ни озвозможи да ги адресираме најитните закани за стабилноста и напредокот на демократските институции“, рече Прајс.

Тој додаде дека „САД се посветени да ги промовираат демократијата, транспарентноста, одговорноста и демократското владеење низ Западен Балкан, во согласност со стандардите што државите мора да ги постигнат за да ја исполнат нивната цел за напредок на европскиот пат“, пренесува „Гласот на Америка“.

Претседателот Џо Бајден донесе извршна наредба за замрзнување имот и забрана за влез во САД на лица кои претставуваат закана по безбедноста и мирот на секоја држава на Западен Балкан.

Санкциите ќе се однесуваат и на оние лица, кои, меѓудругото, се одговорни или вклучени во попречување на имплементацијата на Договорот од Преспа од 2018 година, и Охридскиот рамковен договор од 2001 година.

Извршната наредба ќе опфаќа и лица кои директно или индиректно се вклучени во корупција, злоупотреба на јавни фондови, поткуп и слично.

Администрацијата на претседателот Бајден, на почетокот на јуни, официјално ја прогласи борбата против корупцијата клучна за националната безбедност на САД.

„Корупцијата е закана за националната безбедност на САД, за економската еднаквост, глобалната борба против сиромаштијата, напорите за развој и за самата демократија“, рече Бајден тогаш, додавајќи дека „преку ефективно спречување и справување со корупцијата, и демонстрација на предностите од транспарентно и одговорно владеење, можеме да осигураме клучна корист за САД и за други демократии“.

На листата на санкции на Одделот за финансии на САД, сега се наоѓаат Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени.

Повеќето од нив се ставени на оваа листа за време на администрациите на Бил Клинтон и Џорџ Буш помладиот.

Државниот секретар Ентони Блинкен рече дека новата извршна наредба за Западен Балкан е надополнување на извршните наредби на претходните претседатели, пишува „Гласот на Америка“.