САД со санкции за контроверзните бугарски олигарси Пеевски и Божков – вмешано и руско влијание

Зградата на Стејт департментот во Вашингтон | Фото: AgnosticPreachersKid, CC BY-SA 3.0, Викимедија комонс

Администрацијата на претседателот на САД стави на сила санкции за тројца контроверзни бугарски бизнисмени, поради нивно коруптивно дејствување во Бугарија. Станува збор за избеганиот милијардер Васил Божков, потоа Делјан Пеевски, кој беше или уште е сопственик и на многу медиуми во Бугарија, како и поранешниот функционер Илко Желјазков. Во случајот на Божков, се вели и дека работел на пробивање руско влијание во Бугарија.

Новите мерки ги блокираат сите активи и сопственоста на тројцата во САД, а исто така им се забранува на државјани на САД да вршат трансакции со тројцата многу контроверзни бизнисмени или функционери и да им даваат какви било средства, стоки или услуги, известува бугарски „Дневник“.

„Овие дејствија се насочени кон Васил Божков, истакнат бугарски бизнисмен и олигарх, Делјан Пеевски, поранешен пратеник, Илко Желјазков, поранешен заменик-раководител на бугарската Државна агенција за технички операции (ДАТ), која беше формирана во Националното биро за контрола на посебните разузнавачки средства“, се вели во соопштението на Службата за контрола на странските активи (OFAC) при Министерството за финансии на САД.

Против Божков, Пеевски и Желјазков се наложени санкции со указот 138181, на основа на познатиот закон „Магнитски“ кој е насочен кон нарушителите на човековите права и против лицата одговорни за корупција од целиот свет.

Санкциите се однесуваат и на компаниите и организациите на тројцата бугарски магнати, коишто опфаќаат 64 организации и компании, а од нив 58 се поврзани со Божков, кој е посочен и како ширач на руското влијание

Конкретно за Васил Божков образложението е дека „поткупувал официјални лица од владата во неколку случаи“.

„Божков планирал пред извесно време оваа година да даде значителна сума пари на поранешен бугарски функционер и бугарски политичар, за да му помогне да создаде канал за руски политички лидери за влијание над бугарските владини служби“, се вели во соопштението.

Исто така, се потсетува дека во моментот Божков е во Дубаи (таму стигна во февруари минатата година откако обвинителството почна истрага против него) и така избегнува екстрадиција. Бугарското обвинителство го товари за раководење организирана криминална група, обид за поткуп на службени лица, избегнување даноци. Во февруари 2018 Божков исплаќал по 10.000 лева дневно на тогашниот претседател на Државната комисија за игри на среќа, за да ги одземе лиценците на конкуренцијата.

Службата за контрола на странските активи (OFAC) го нарекува Делјан Пеевски „олигарх што редовно учествувал во корупција, којшто се служел со трговија со влијание и поткупи за да се заштити од јавна контрола и за да контролира клучни институции и сектори во бугарското општество“. Се товари за активно попречување на политичкиот процес во Бугарија во септември 2019 година, пред локалните избори. „Се договара со политичари да им обезбеди политичка поддршка и позитивно медиумско претставување во замена на заштита од кривично гонење“, велат американските власти.

Според Службата за контрола на странските активи, Пеевски го користел Желјазков, поранешен заменик-раководител на бугарската Државна агенција за технички операции-ДАТ [пандан на македонската ОТА] , за поткупување во врска со бугарски документи за престој за странци, како и поткупување државни службеници на различни начини во замена за информации и лојалност од нивна страна“.