САД се дистанцира од нападот на Израел врз Иран

Одмаздата од страна на Иран за нападите на Израел би можела да ги доведе во опасност американските војници и дипломати во регионот, со оглед на тоа што САД се главен поддржувач на Израел

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп се обиде да ги дистанцира САД од нападите на Израел врз Иран, кои веројатно ќе го комплицираат стремежот за нуклеарен договор со Техеран.

Марко Рубио, државен секретар на Трамп и советник за национална безбедност, нагласи дека нападите на Израел биле еднострани, но и дека САД знаеле дека ќе се случат.

„Ние не сме вклучени во напади против Иран и наш главен приоритет е заштитата на американските сили во регионот. Израел нè извести дека веруваат дека оваа акција е неопходна за негова самоодбрана “, рече Рубио, пренесува Ројтерс.

Само неколку часа пред нападите, Трамп повика на дипломатско решение за тензиите, додека рече дека напад врз Иран може да се случи. Американскиот претседател е сè повеќе во конфликт со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и околу Иран и неговото справување со израелската војна во Газа, сакајќи да склучи договор со Техеран и да го забрза доставувањето на помошта за храна во Газа. По разговорите со Нетанјаху неделава, Трамп изјави дека главната тема е Иран и посочи дека израелскиот напад е неизбежен.

„Би сакал да избегнам конфликт. Иран ќе мора да преговара малку построго, што значи дека ќе мора да ни дадат некои работи што не се подготвени да ни ги дадат во моментов“, рече тој.

И Рубио имаше остро предупредување за Иран, еден ден откако САД им наредија на дел од американскиот персонал да го напуштат Блискиот Исток како одговор на тензиите во областа.

„Да бидам јасен, Иран не треба да ги таргетира американските интереси или персонал“, рече тој, но во неговата изјава не спомена дали Вашингтон ќе го поддржи Израел доколку се соочи со одмазднички напади.

Иран тврди дека неговата програма за нуклеарна енергија е само за мирни цели, иако Меѓународната агенција за атомска енергија го прогласи за прекршувач на своите обврски за неширење на огнено оружје за прв пат по речиси 20 години.

Одмаздата од страна на Иран за нападите на Израел би можела да ги доведе во опасност американските војници и дипломати во регионот, со оглед на тоа што САД се главен поддржувач на Израел.

Вашингтон и Техеран во четвртокот објавија планови за уште една рунда разговори во недела во Оман меѓу специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи. Американската администрација посочи дека разговорите сè уште се во тек, како и дека не се откажуваат од средбата во недела.

„Иран не може да има нуклеарна бомба и се надеваме дека ќе се вратиме на преговарачката маса. Ќе видиме“, изјави Трамп.