САД му доставија на Либан предлог за разоружување на Хезболах до крајот на годината, што ќе значи и прекин на воените операции на Израел во земјата и повлекување на неговите трупи од пет позиции во јужен Либан, пишува Ројтерс.
Планот, поднесен од претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп во регионот, Том Барак, кој се дискутираше вчера на состанокот на либанскиот кабинет, ги утврдува најдеталните чекори досега за разоружување на групата Хезболах, поддржана од Иран, која ги отфрли растечките повици за разоружување од минатогодишната разорна војна со Израел.
Либанскиот министер за информации Пол Моркос изјави по состанокот на кабинетот дека кабинетот ги одобрил само целите на планот на Барак, но не го дискутирал целосно.
„Не навлеговме во деталите или компонентите на предлогот на САД. Нашата дискусија и одлука беа ограничени на неговите цели“, рече Моркос.
Целите на предлогот на САД би вклучувале постепено укинување на вооруженото присуство на недржавни актери, вклучувајќи го и Хезболах, распоредување на либански сили во клучни гранични и внатрешни области, обезбедување на повлекување на Израел од петте позиции, решавање на проблемите со затворениците преку индиректни разговори и трајно обележување на границите на Либан со Израел и Сирија.
САД ја поздравија одлуката на либанската влада да им наложи на либанските вооружени сили да го стават целото оружје под државна контрола, изјави портпаролот на Стејт департментот.
Канцеларијата на израелскиот премиер одби да коментира, додека Министерството за одбрана не одговори веднаш.
Хезболах немаше непосреден коментар за предлогот, но три политички извори за Ројтерс изјавија дека министрите од групата поддржана од Иран и нивните муслимански шиитски сојузници се повлекле од состанокот на кабинетот во четврток во знак на протест поради дискусиите за предлогот.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, во среда изјави за иранската државна телевизија дека ова не е прв пат да се прават обиди за разоружување на групата поддржана од Иран, додавајќи дека конечната одлука е на самата група.
„Ние дејствуваме како поддржувач, но не се мешаме во нивното донесување одлуки“, додаде Аракчи.
Израел му нанесе големи удари на Хезболах во офанзивата минатата година, што претставуваше кулминација на конфликтот што започна во октомври 2023 година кога либанската група отвори оган врз израелските позиции на границата, прогласувајќи поддршка за својот милитантен палестински сојузник Хамас на почетокот на војната во Газа.
Предлогот на САД има за цел да го продолжи и стабилизира договорот за прекин на огнот меѓу Либан и Израел постигнат во ноември.
