САД го повикаа Косово да го ратификува договорот за демаркација на границата со Црна Гора. Во соопштението на американската амбасада во Приштина се вели дека експерти на владата на САД процениле дека граничната линија е правилно исцртана.
„Дојде времето да се стави крај на расправиите и на несогласувањата што само му штетат на Косово, штетат на кредибилитетот на Косово во странство и ја попречуваат можноста граѓаните на Косово слободно да патуваат“, се вели во повикот.
САД ја повикаа владата на Косово повторно да го достави до парламентот на Косово инструментот за ратификација и пратениците потоа веднаш, без задржување, да го изгласаат.
„Време е да се прекине политичката блокада на Република Косово и парламентот и владата да постигнат напредок за други прашања важни за граѓаните на Косово“, порачува амбасадата на САД во Приштина.