Американскиот федерален апелациски суд го отфрли барањето на администрацијата на претседателот Доналд Трамп повторно да се воспостави забраната за влез во земјата на граѓани од седум претежно муслимански државни. Федералниот судија од Сиетл, Џејмс Робарт, во петокот ја блокираше оваа одлука на американската администрација.
Американското министерство за правда во саботата поднесе жалба против одлуката на федералниот суд. Во жалбата се истакнува дека „суверено право“ на претседателот е дали странците ќе ги прими во земјата или не, наведувајќи го како „главна причина принципот дека странецот кој првпат бара влез во САД бара привилегија и нема уставни права во врска со нејзината примена“.
Трамп вчера за „смешна“ ја оцени пресудата на судијата Робарт, порачувајќи дека одлуката на „таканаречениот судија“ ќе биде поништена.
– Ќе победиме. Заради безбедноста на земјата, ќе победиме – рече Трамп пред новинарите на Флорида, пренесоа британските медиуми.
Во саботата во Вашингтон, Мајами и во други американски градови продолжија протестите против минатонеделната одлука на американскиот претседател да забрани влез во земјата на државјани од седум претежно муслимански земји.
Приврзаниците на Трамп организираа контрапротести во неколку градови.