Фото: Brandon Mowinkel, Unsplash

САД најави санкции за руската влада и побара од неа да одговара за упадот на „СоларВиндс“ и за обидите за мешање на изборите во САД минатата година.

„Претседателот потпишува нова Извршна наредба за Русија што ќе го прошири опсегот на нашите власти за санкции. Според оваа нова Извршна наредба, Министерството за финансии на САД издава директива со која им се забранува на американските финансиски институции да вршат трансакции на примарниот пазар за нови обврзници во руби или не-руби издадени по 14 јуни 2021 година“, стои во соопштението на Стејт департментот на САД.

САД исто така ќе протера 10 службеници од билатералната мисија на Русија. Покрај тоа, Министерството за финансии на САД најавува санкции против субјекти и лица вклучени во мешање на изборите и против компании кои ги поддржуваат активностите на руските разузнавачки служби одговорни за упадот на „СоларВиндс“ и други неодамнешни сајбер инциденти.

Покрај тоа, заедно со партнерите и сојузниците, на 2 март САД одговорија на обидот на Русија да го отруе Алексеј Навални со употреба на хемиско оружје и неговото последователно апсење и затворање.

„Остануваме загрижени за здравјето и третманот на Навални во затвор и бараме безусловно ослободување“ велат од Стејт департментот.

Како што изјавуваат оттаму, овие активности се наменети да ја повикаат Русија на одговорност за нејзините непромислени активности.

„Ние ќе дејствуваме цврсто како одговор на руските акции што ни предизвикуваат штета на нас или на нашите сојузници и партнери. Каде што е можно, САД исто така ќе бара можност за соработка со Русија, со цел градење постабилна и предвидлива врска во согласност со интересите на САД“ стои во соопштението.