САД планираат повторно да воспостават воена база од времето на Студената војна во јужен Гренланд и да отворат уште една на источниот брег – локација што моментално ја користи данската патрола со кучешки запреги – согласно договорот што треба денеска да се потпише со Данска и Гренланд.
Станува збор за локациите Нарсарсуак, чие население се намалило на неколку десетици луѓе откако САД ја затворија својата воена база „Блуи Вест Ван“ (Bluie West One) во 1950-тите години, и Местерсвиг, воена испостава што ја користи патролата со кучешки запреги „Сириус“, единица на данските специјални сили, изјавија два извори.
Се очекува Данска, Гренланд и САД денеска да го потпишат новиот договор за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Текстот на договорот не е јавно објавен, а тројцата извори запознаени со договорот, кои сакаа да останат анонимни, изјавија дека деталите нема да бидат финализирани сè додека тој не се потпише.
Владите на Данска и Гренланд не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.
Портпарол на Белата куќа одби да ги коментира деталите од договорот, повторувајќи ја претходната изјава дека неговото потпишување во вторник ќе ја осигура и одбрани безбедноста на Гренланд и на САД.
Данска наведува дека договорот ја става безбедноста на Арктикот под надзор на НАТО (Организацијата на Северноатлантскиот договор) – воено-одбранбената алијанса – наместо таа да биде препуштена исклучиво на САД и Данска.
Договорот доаѓа по повеќемесечен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, кој долго време изјавуваше дека сака САД да имаат контрола врз Гренланд и во одредени моменти одбиваше да ја исклучи можноста за употреба на воена или економска сила за преземање на оваа полуавтономна данска територија. Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека оваа идеја е отфрлена од огромното мнозинство жители на Гренланд.
Заканите на Трамп, кои го достигнаа својот врв во јануари, предизвикаа дипломатска криза во рамките на НАТО и ги поттикнаа Данска и Гренланд на преговори со Вашингтон со цел да се намали притисокот.
За време на Студената војна, САД одржуваа 17 воени објекти и ангажираа повеќе од 10.000 припадници на персоналот во Гренланд. Денес е останата само вселенската база „Питуфик“, со околу 150 припадници на американскиот воен персонал.