Извор на фотографија: Министерство за одбрана

Армијата на Република Северна Македонија добива 78 милиони долари американска поддршка во развојот на своите капацитети, модернизацијата, опремувањето и развојот на капацитетите за сајбер одбрана, информираат од Министерството за одбрана.

„Американската поддршка е во насока на достигнување на НАТО целите на способности и зголемување на интероперабилноста со американските вооружени сили и со сојузниците во Алијансата. Членството во НАТО е уште еден катализатор за уште посилна соработка помеѓу сојузниците како Северна Македонија и САД, со што се зацврстува и колективната одбрана на Алијансата“, информираат од ова министерство.

Како долгогодишен стратегиски партнер во развојот на армиските капацитети, овие 78 милиони долари од САД се значителна поддршка во развојот на капацитетите, имајќи предвид дека во изминатите 30 години, преку програмата за меѓународна воена помош, САД има донирано воена опрема во вредност од 160 милиони долари, велат од Министерството за одбрана.

„Портфолиото за соработката со САД е навистина богато и сеопфатно и вклучува обука преку MIL-2-MIL програмата, вежбовни активности, некинетички обуки односно асистенција за АБХО, сајбер, цивилно воена соработка, развој на медицински капацитети, едукација за административни службеници, војници, подофицери и офицери, заеднички процес на опремување и модернизација преку десет интегрирани проектни тимови, тимови и советници со постојан престој во Северна Македонија со цел асистенција во развојот на одбраната итн.“, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.

Инаку, Северна Македонија од земјите во регионот доби најголема поддршка од САД. Колку за споредба, црногорскиот министер за одбрана неодамна објави дека неговата држава добила 23 милиони долари воена поддршка.

Американските власти веќе соопштија дека повеќе од две милијарди долари воена поддршка се одвоени за помош на 17 земји погодени од ситуацијата во Украина, вклучително и земјите од источниот дел и другите регионални партнери и сојузници кои обезбедија воена помош за Украина за време на нејзиниот тековен конфликт со Русија. Од Стејт департментот рекоа дека средствата ќе ги поддржат можностите на овие земји кои веќе ѝ донирале на Украина да ги надополнат своите резерви.