Американскиот државен секретар Џон Кери неделава ќе се сретне со европските сојузници за да разговара за можното проширување на санкциите кон Русија, јавува „Б92“, повикувајќи се на новинската агенција „Ројтерс“.

Новите санкции ќе се воведат доколку „промосковските сепаратисти во Украина не запрат со насилството“, соопшти висок неименуван претставник на Стејт департментот.

– Продолжуваат разговорите со ЕУ за понатамошното проширување на санкциите – соопшти дипломатот, кој допатувал во седиштето на ЕУ заедно со Кери, кој учествува на заседанието на Советот на министри за надворешни работи на земјите-членки на НАТО.

Дипломатот истакна дека Вашингтон е подготвен да ги ублажи мерките доколку Русија ги исполни обврските од договорот од Минск.