Властите на САД денеска соопштија дека на својата „црна листа“ на „меѓународни терористи“ го ставиле синот на убиениот водач на Ал каеда, Осама бин Ладен, Хамза бин Ладен. Одлуката на американските власти автоматски повлекува финансиски и правни рестрикции против синот на Бин Ладен.

Стејт департаментот, како што јавуваат светските агенции, навел дека одлуката е донесена бидејќи Ал каеда во август 2015 година соопштила дека Хамза бин Ладен е член на џихадистичка група и дека им се заканувал на САД и на американските граѓани преку аудиопораки емитувани во јули минатата година.

Дваесет и четиригодишниот Хамза бин Ладен бил омилениот син на лидерот на Ал каеда, Осама бин Ладен, кој беше убиен во мај 2011 година во операција на американските специјални сили во Пакистан. По ликвидацијата на Бин Ладен на чело на терористичката организација Ал каеда беше поставен Ајман ал Завахири.

Според повеќето експерти, Хамза бин Ладен во џихадистичките кругови е повеќе почитуван од Ал Завахири, а и самиот Бин Ладен сакал тој да биде негов наследник во Ал каеда, пишуваат странските агенции.