fbpx

САД го поздрави договорот од Охрид, заедно со ЕУ ќе ја надгледуваат имплементацијата

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека Белград е подготвен да работи на имплементација на предложениот договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, но според нивните црвени линии, и нагласи дека во Охрид не потпишал никакви документи

-

Иако српскиот претседател Александар Вучиќ не го потпиша документот, високиот претставник на САД за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар Габриел Ескобар го оцени како успешен дијалогот Белград – Приштина, а особено во однос на придонесот на Македонија за постигнување на регионалната стабилност.

Ескобар ова го изјави по маратонската 12-часовна средба меѓу Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти која во саботата се одржа во Охрид. Тој истакна дека со ова Македонија докажала дека е доверлив партнер, пријател и сојузник на Соединетите Американски Држави. Во врска со исходот од средбата Ескобар рече дека е постигнат тежок но неопходен договор за натамошните односи меѓу двете земји.

„Ова не само што ги отвора вратите за евроатлантска интеграција за двете земји, туку ги отвора вратите за регионот, да влезе во нова ера на мир. САД ќе се заложат да помогнат во спроведување и тоа спроведување да биде во интерес за двете земји и за регионот. Ќе направиме сè што можеме да поддржиме политички, економски и на било кој друг начин за да направиме мирот на Балканот да биде реалност“, рече Ескобар.

Пофалби за постигнатиот договор со посредство на ЕУ стигнаа и од Стејт департментот.

„Ги пофалуваме претседателот на Србија и премиерот на Косово за нивното лидерство во постигнувањето договор. Исполнувањето на обврските на Косово и Србија од Основниот договор, во рамките на трајната определба за помирување, ќе обезбеди значителни можности за граѓаните на двете земји и да го забрзаат нивниот пат кон членство во Европската унија“, се вели во соопштението на американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Во соопштението се додава дека САД ќе продолжат да бидат активно ангажирани, во соработка со партнерите од ЕУ, „да ги поддржат Косово и Србија во нивната работа на имплементација со цел да се постигнат предвидливи и мирни односи“.

Сепак, српскиот претседател Александар Вучиќ во вчерашното обраќање до јавноста рече дека Белград е подготвен да работи на имплементација на предложениот договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, но според нивните црвени линии, и нагласи дека во Охрид не потпишал никакви документи.

„Не потпишав поради неколку работи. Србија е меѓународно-правно призната држава, а она што тие го нарекуваат Република Косово, за мене не е. Поради тоа не сакам да правам меѓународно-правни договори со Република Косово“, рече Вучиќ.

Тој рече дека се договорени „неколку рокови“ и дека е договорено во рок од 30 дена заеднички да се формира мониторинг комисија, со која ќе претседава ЕУ, а која ќе го следи спроведувањето на договорот. Вучиќ рече и дека е договорено „веднаш да започне формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО)“.

Од друга страна, високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел соопшти дека Србија и Косово се согласиле за анексот за имплементација, кој заедно со Договорот, ќе биде дел од европскиот пат на двете страни.

Борел рече дека договорот и анексот се сметаат за усогласени и прифатени од двете страни и дека ќе се сметаат за усвоени откако тој ќе даде изјава дека е така или со објава од негова страна.

Според Курти, непотпишаниот договор во Охрид е „Де факто“ признавање на Косово од Србија. Тој го обвини српскиот претседател Александар Вучиќ и рече дека сега останува на ЕУ да најде механизми за да ја принуди Србија да го потпише договорот.

„Основниот договор е де факто меѓусебно признавање. Значи, ова е признавање меѓу Косово и Србија. Србија, исто како и на последната средба во Брисел, го избегна потпишувањето на Договорот и сега на анексот. Останува на ЕУ да најде механизам договорот да го направи правно и меѓународно обврзувачки“, рече Курти.

На прашањето дали ќе дозволи формирање на Заедницата, Курти рече дека станува збор за „адекватно ниво на само- менаџирање на српската заедница“, а не за самоуправа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Основниот граѓански суд - Скопје утврдил граѓанска одговорност за клевета врз министерката Славјанка Петровска од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска на својот профил на Фејсбук ја објави пресудата. „Како што...