Белата куќа ги повика ирачките Курди да го откажат референдумот за независност, закажан за 25 септември, оценувајќи го како провокативен и дестабилизирачки, јавуваат светските агенции.
Повторувајќи го уверувањето дека гласањето ќе претставува пречка за борбата против Исламска држава и за стабилизацијата на ослободените подрачја, Вашингтон јасно го изразил своето несогласување со одлуката на парламентот на ирачките Курди за одржување на референдумот.
„Ја повикуваме регионалната курдска влада да се откаже од референдумот и да влезе во сериозен дијалог со Багдад, во кој САД се секогаш подготвени да бидат посредник“, се наведува во денешното соопштение на Белата куќа.
Ирачките лидери ја оценија курдската иницијатива како противуставна.
Инаку, референдумот предизвикува загриженост и во Турција и во Иран, кои веруваат дека тој би можел да ги охрабри курдските малцинства и во тие земји.
Курдски официјални претставници навеле дека успехот на референдумот нема да значи моментално прогласување независност, туку ќе им овозможи од посилна позиција да влезат во преговори со властите во Багдад.