Федерален апелациски суд доцна синоќа ја стави во мирување судската одлука со која претседателот Доналд Трамп беше обврзан да ѝ ја врати контролата врз Националната гарда на Калифорнија на сојузната држава, објави Си-Ен-Ен. Одлуката следи откако окружниот судија Чарлс Бреер оцени дека Трамп незаконски ја федерализирал гардата и го прекршил Десеттиот амандман од Уставот на САД.
Судијата Бреер во својата одлука на 36 страници наведува дека претседателот не ги исполнил законските услови за активирање на Националната гарда на сојузно ниво и дека пропуштил да издаде наредба преку гувернерот на државата, како што бара законот. „Делувањето на претседателот беше незаконско, ги надминува неговите законски овластувања и ги крши уставните права на државата Калифорнија“, напиша Бреер, оценувајќи дека протестите во Лос Анџелес не претставуваат бунт, како што тврдеше Белата куќа.
Тројца судии од Апелациониот суд на Деветтиот округ, двајца именувани од Трамп и еден од Џо Бајден, најавија дека во вторник ќе одржат рочиште по ова прашање. Во меѓувреме, Бреер донесе и привремена забрана за ангажирање на маринци во полициски активности во Калифорнија, по барање на државата.
Во тужбата поднесена од гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, против Трамп и секретарот за одбрана, Пит Хегсет, се наведува дека федерализацијата на гардата се случила поради протестите против имиграциските политики на администрацијата. Судијата предупреди дека „протестите против владата се основно уставно право“ и дека означувањето на такви протести како бунт е „неодржливо и опасно“.
Бреер истакна дека присуството на илјадници федерални гардисти може да ја влоши ситуацијата на теренот, да ги засили тензиите и да ја попречи способноста на државата да одговори на пожари, борба против трговија со фентанил и други итни потреби.
Очекувањата се дека конечната одлука ќе има далекусежни последици врз односите меѓу федералната и државните власти, особено во контекст на внатрешни немири и извршни овластувања.