Објавата дезинформира и има за цел да поттикне меѓуетничка нетрпеливост и говор на омраза. Одржувањето заеднички владини седници не е ништо ново и тие имаат за цел продлабочување на соработката меѓу земјите. На овие седници се потпишуваат договори и меморандуми за заедничка соработка во повеќе области. Досега не се случило С. Македонија како резултат на овие заеднички седници да плаќа на некоја друга држава сметки за струја, за образование и слично, како што тоа сака да го наметне објавата, анализира Вистиномер.
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
МИЦКО ПРОДОЛЖУВА ТАМУ КАДЕ ШТО КОТЕ ОД МУРТИНО И ЌУРКАТА ЗАСТАНАА…СЕГА ЌЕ ЈА ПЛАЌАМЕ И СТРУЈАТА НА КОСОВАРИТЕ…ЌЕ ПЛАЌАМЕ ЗА НИВНО ОБРАЗОВАНИЕ …ЌЕ НИ ГИ КОРИСТАТ И КУПУВААТ ПРИРОДНИТЕ БОГАТСТВА….ЕЕЕЕ ЕЈ ГРАЃАНИ НА СЕВЕРНА ШТО ГЛАСАВТЕ ЗА ДПНЕ КАЈ ДА Е КОСОВО ЌЕ СЕ ПРЕСЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА И ЌЕ ПРОГЛАСАТ ТРЕТА АЛБАНСКА ДРЖАВА.
Објавата споделува и напис во кој се најавува дека владите на Севeрна Македонија и на Косово ќе одржат заедничка седница во Приштина.
Од владината прес-служба најавија дека на заедничката седница ќе се потпишат меморандуми за соработка во три области. Првиот е меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини, Вториот е информација за склучување на Протокол помеѓу владите на РС Македонија и Република Косово за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан” и „Јажинце-Глобочица” и третиот е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на С. Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. Во најавата никаде не беше спомнато дека ќе се договара да им се плаќа струја на Косовците, да им плаќаме за образованието и да ни ги користат природните богатства, како што тоа го најавува објавата која ја анализираме.
Информација дека владите на Косово и С. Македонија одржале заедничка владина седница во Приштина на 18 ноември годинава, има и на официјалната веб-страница на Владата на која е пренесено интегралното обраќање на премиерот Христијан Мицкоски од заедничката прес-конференција со неговиот косовски колега Албин Курти.
Како што информираше Мицкоски, на средбата со Курти разговарале за прашања од заеднички интерес, вклучувајќи економска соработка, зголемување на трговската размена, инфраструктурни проекти и заеднички напори за обезбедување на регионална стабилност и безбедност. И премиерот никаде не спомна дека С.Македонија ќе им плаќа на Косовците за струја, образование и дека ќе им ги стави на располагање природните богатства.
Не е првпат македонска влада да одржува заеднички седници со влади на други држави, како што се одржале досега со Албанија, со Србија, Бугарија, Унгарија.
Ваквата практика не е ништо ново, а одржувањето на овие седници продуцирале меморандуми и договори за соработка.
С.Македонија и Косово одржале заедничка владина седница и во септември 2021 година. И на оваа средба биле потпишани низа договори и меморандуми за соработка од областа на инфраструктурата, дијаспората, енергетиката, економијата, туризмот, безбедноста, иновации и технолошки развој и други области.
Македонската и албанската влада на чело со Зоран Заев и Еди Рама одржаа заедничка владина седница во Поградец, Албанија во декември 2017 година.
На заедничката меѓувладина седница ќе се разговара на повеќе теми за унапредување на билатералната соработка во областа на инфраструктурно поврзување, изградба на Коридорот 8, олеснување и интензивирање на размената на стоки и услуги и зајакнување на соработката во областа на безбедноста. Конкретно, на седницата е планирано да се потпишат неколку документи за соработка, јави тогаш Канал 5 телевизија.
Втората седница меѓу двете влади се одржа во ноември 2022 година.
Владите на Македонија и на Србија предводени од тогашните премиери Никола Груевски и Александар Вучиќ во февруари 2015 година во Скопје одржаа заедничка седница по која беше предвидено потпишување договори меѓу двете влади.
Македонската и српската влада одржаа заедничка седница и во март 2018 година предводени од тогашните премиери Зоран Заев и Ана Брнабиќ.
На оваа, трета меѓу владината седница на двете земји, на дневниот ред ќе се најдат теми од одбраната, безбедноста, економијата, трговијата, здравството, образованието, од сферата на трудот и социјалната политика, правдата, заштита на животна средина, културата, како и разговори за заеднички иницијативи во инфраструктурата, иновациите, европските интеграции и младинските политики, објави тогаш Макфакс.
Македонија и Бугарија во јули 2013 година одржаа неформална заедничка владина седница.
Заедничка седница во септември годинава одржаа и македонската и унгарската влада.
Одржувањето заеднички владини седници не е ништо ново и тие имаат за цел продлабочување на соработката меѓу земјите. На овие седници се потпишуваат договори и меморандуми за заедничка соработка во повеќе области. Досега не се случило С. Македонија како резултат на овие заеднички седници да плаќа на некоја друга држава сметки за струја, за образование и слично, како што тоа сака да го наметне објавата што ја анализираме. Очигледно е дека објавата има за цел да поттикнува меѓуетничка нетрпеливост и говор на омраза.
Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистинита.