Photo by Christian Wiediger on Unsplash

Германија од утре ќе ја избрише С.Македонија од списокот на ризични земји поради ковид-19, јавува Дојче Веле сервисот на македонски јазик, што ќе им овозможи на одредена категорија на граѓани од земјава полесно да патуваат во оваа европска земја. Германскиот институт „Робер Кох“ вчера ја објави листата на земји кои се тргнати од „црвената листа“ на ризични земји поради бројот на активни случаи на ковид-19 кои се регистрирани на 100.000 жители.

И покрај намалениот број на заболени од ковид-19 во земјава, сепак отстранувањето на С.Македонија од „црвената листа“ нема да доведе до укинување на ограничувањата за туристички патувања во Германија за македонските државјани. Заедно со С.Македонија, Србија, Косово, БиХ и Црна Гора како земји од соседството се тргнати од списокот на ризични земји.

Сепак, Радио-телевизија Србија денеска го пренесува известувањето на Германската амбасада во Белград, која потсетува дека туристичките патувања во Германија и понатаму не се возможни, а краткотрајните посети до 90 дена на оваа европска земја, доколку е возможно, не се препорачуваат во насока на спречување на ширење на корона вирусот.

Отстранувањето на земјите од Западен Балкан од списокот на ризични земји ќе значи поедноставно патување единствено за оние граѓани кои имаат дозвола за престој во Германија или ЕУ, како и оние граѓани кои имаат германски пасош или пасош од друга земја-членка на ЕУ. По копнен пат, оваа категорија на граѓани на С.Македонија ќе може да влезе во Германија без електронска пријава, задолжителен негативен ПЦР тест и задолжителен 10-дневен карантин.

Сепак, и за оваа категорија на граѓани, во случај да патуваат со авион до Германија, ќе мора да имаат негативен ковид тест, доказ дека го прележале ковид-19 или дека примиле две дози на вакцини со поминати барем 14 дена од втората доза на „Фајзер“, „Модерна“, „Астра Зенека“ или „Џонсон & Џонсон“.

Како исклучоци од забраната за патување во Германија, остануваат членовите на потесното семејство на лице кое има регистрирано живеалиште во оваа земја (сопружници, регистрирани партнери, малолетни деца и родители на малолетни деца). Македонски државјани во Германија може да влезат и доколку имаат доказ за неопходна причина за влез (неопходни деловни причини од итна природа, службени патувања на саеми во случај на докази за неопходност од патувања, предавачи и посетители на конгреси за кои е неопходно физичко присуство и за итни медицински потреби), за што е потребна потврда и придружна документација, јавува Радио-телевизија Србија.

За сите дополнителни информации кои ги интересираат македонските државјани кои сакаат да патуваат во Германија, повеќе детали можат да добијат на веб-страницата на Министерството за здравство на Германија.