С. Македонија, Грција и Албанија конечно ја започнуваат заедничката грижа за Преспанското езеро и ќе работат на унапредување на целиот регион. Денеска се одржува иницијалниот состанок на комитетот на управувачкото тело на Преспа парк и на работната група за управување со водите во информативниот центар Пили во Грција крај брегот на малото Преспанско Езеро.
Како што информираат од Македонското еколошко друштво, организација која долги години работи на различни проекти и истражувања поврзани со Преспанско езеро, за време на состанокот за прв пат по стапувањето на сила на Меѓународниот договор за заштита и одржлив развој на паркот Преспа ќе се сретнат претставници од Европската Комисија, трите земји кои го делат езерото, локални власти, невладини организации и управувачките тела за заштитените подрачја.
„23 јуни 2022 година е историски ден за Преспа! Конечно и формално започнува заедничката работа на сите три држави кои го делат езерото и ЕУ за зачувување и унапредување на регионот“, велат од МЕД и посочуваат дека тие, заедно со Општината Ресен и Националниот парк „Галичица“ соработуваат повеќе од 20 години и ја поддржуваат формализацијата на прекуграничната соработка.
„Договорот беше потпишан на 2 февруари 2010 година од страна на министрите за животна средина на трите земји и комесарот за животната средина на ЕУ, но Грција го одложуваше ратификувањето во последниве седум години. Денеска ја споделуваме радоста со нашите колеги од Грција и Албанија, а најмногу со населението од Преспа кое конечно ќе може да се потпре на заедничко меѓународно тело да донесува издржани одлуки за одржливата иднина на регионот“, велат од МЕД.
Комитетот за управување со паркот Преспа е тековна, постојана шема за заедничко донесување на одлуки. Овој состанок на комитетот е првиот чекор на патот кон значајна соработка во регионот и целта да се зачуваат богатите природни ресурси и да се обезбеди одржлив развој за идните генерации.