Обвинителката Елизабета Јосифовска денеска најави дека СЈО ќе се жали на одлуката на Кривичен суд Скопје кој ги прогласи за невини новинарот Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа за случајот „Тревник“.

-Нема дилема дека ќе жалиме пред Апелациониот суд. За нас обвинението е издржано и основано – рече обвинителката.

Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан беа ослободени од обвинението за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково.

„Делото за кое се обвинуваат не е кривично дело според закон“, рече денеска судијката Марија Клетничка – Марковска, изрекувајќи ја пресудата.

Според СЈО во обвинението за „Тревник“, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно граделе без одобрение.

Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри. СЈО тврдеше дека овие изградбата на овие три викенд-куќи почнала во 2011 година, а одобренија за градба биле издадени две години подоцна.