Во текст објавен во неделата (06.10.2019 година) српскиот сајт „Вести Онлајн“ преку насловот ЕУ ги раздвојува Македонија и Албанија“ („EU razdvaja Makedoniju i Albaniju“) на јавноста ѝ пренесе погрешна информација. Со ваквиот избор на насловот се добива впечаток дека процесот за интеграција на Македонија и Албанија во Европската Унија  е веќе одвоен, како да е тоа завршена работа. Што, барем засега, не е точно.

Написот во содржинскиот дел коректно ја пренесува информацијата на агенцијата „Ројтерс“, според која, Германија предлага одвојување на Северна Македонија и Албанија, во обид да постигне компромис помеѓу сите земји членки на ЕУ на самитот закажан за 15 октомври:

Според планот предложен неделава до министрите на 28-те земји членки кои треба да дискутираат кон средината на октомври е можен компромис помеѓу оние се обидуваат да ги приближат балканските земји до ЕУ и оние кои пружаат отпор како Франција, Холандија и Данска.

„Ројтерс“ потсетува дека Германија пред неколку недели гласаше за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, но со дополнителни услови за Тирана.

Во нацрт-заклучоците на Советот на министри се предлага Северна Македонија да ги започне преговорите пред крајот на оваа година, но не и Албанија…

Но, случајно или намерно, оваа информација на „Ројтерс“ е врамена со погрешен наслов кој искажува децидно тврдење – како веќе да е донесена таква одлука.

На фотографијата со која е илустриран текстот е прикажано знаме со ѕвездата од Кутлеш (сонцето од Вергина) кое беше симбол на македонското знаме  од јули 1992 до 5 октомври 1995 година, кога е отстранет како обврска со Привремената спогодба.

Актуелното знаме е на црвена позадина, на која има златно сонце со осум сончеви краци кои се вкрстуваат по дијагонала, хоризонтала и вертикала.