Сегашните законски решенија за работата на безбедносните служби, како одраз и на меѓусебните пазарења на власта и на сегашната опозиција, не обезбедуваат доволно механизми за ефикасна заштита на човековите права од злоупотреби на безбедносните служби, а за оние позитивни решенија што ги има, не се направило многу во поглед на нивната имплементација. Затоа може да се зборува само за почнати реформи на безбедносниот сектор и потребни се измени кои ќе овозможат поголема професионалност, деполитизација и посуштинска заштита на приватноста на граѓаните и посериозно вклучување на граѓанскиот сектор во механизмите за контрола на овие служби, беше истакнато на конференцијата „Модели на отчетност на институциите од безбедносниот систем“ која во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ и IFEX – Светската мрежа за заштита на правото на изразување се одржа денеска во Скопје.

Во две сесии, претставници на институциите, академската заедница и граѓанскиот сектор дискутираа за реформите во областа на националната безбедност и следењето на комуникациите како интегрален дел од националната безбедност. Конференцијата претставува дел од активностите кои треба да помогнат во развојот на методологијата за мониторинг на надзорот/следењето на работата на овие служби.

Реформите мора да продолжат и со Агенцијата за разузнавање и со военото разузнавање. Самиот систем за контрола и надзор, пак, генерално на безбедносните и разузнавачките служби, е погрешно поставен или недоволно обезбеден со соодветни ресурси за правилно исполнување на неговите задачи, беше истакнато на првата сесија, во која учествуваа Магдалена Лембовска од „Евротинк“, проф. д-р Кебир Авзиу, декан на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово и проф. д-р Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност при универзитетот „Климент Охридски“ од Битола.

Законот за следење на комуникациите остава огромни можности за следење комуникации без контрола, собраниската комисија за надзор беше речиси неактивна, a Граѓанскиот совет за надзор не може да профункционира како што треба, беше посочено во дискусијата. Проблем е и самата контрола врз работата на полицијата, односно и внатрешната контрола е погрешно поставена оти е под надлежност на министерот, а нема заштитни механизми за граѓаните за жалби, беше понатаму кажано на конференцијата.

– Речиси сигурно е дека при првата инспекција од НАТО државата ќе добие негативна оценка – предупреди професорот Ѓуровски.

Во втората сесија, во која учествуваа Александар Николов од асоцијацијата „Зенит“, Андреј Петровски, од фондацијата SHARE и доц. д-р Ице Илијевски, член на Советот за граѓански надзор, фокусот беше на работата на собраниските комисии за надзор на безбедносните служби, но, пред сѐ, на Советот за граѓански надзор. Истакната беше неактивноста на комисиите, но и на бројните законски пречки што не овозможуваат соодветен надзор на безбедносниот сектор, а како едно од решенијата за подобрување на парламентарната контрола беше предложено итно формирање секретаријат, односно експертска служба на парламентарната комисија за следење на комуникациите, што ќе им овозможи на пратениците како лаици полесно да ја извршуваат својата функција.

Андреј Петровски од фондацијата Share истакна дека отчетноста на безбедносните служби е регионален проблем и дека легислативата споро го следи развојот на нови масовни системи.
– Не се работи само за телекомуникации и прислушување, туку и за системи за видео надзор кои се многу инвазивни, како новопоставената кинеска опрема составена од илјадници улични камери и софтвер за препознавање лица во Белград – вели Петровски.
Беше укажано дека по конституирањето на Советот за граѓански надзор неговите членови ги завршија сите подготвителни активности во нивна надлежност, како развој на интерни правила и Деловник, но се соочуваат со предизвик за нивна промена бидејќи институциите бараат сите нивни должности поврзани со обезбедување административни, технички и финансиски услови за работа на Советот да се допрецизираат со амандмани на Законот за следење на комуникациите.

– Советот, инаку, планира наскоро да почне поактивно да ја презентира својата функција, како орган, кој во име на граѓаните, кои сметаат дека се следени, ќе провери дали е тоа така – појасни д-р Илијевски.

Следењето на комуникациите не е нешто што го прави само АНБ, појасни во дискусијата директорот на Оперативно-техничката агенција, Зоран Ангеловски, кој објасни дека Агенцијата со која што раководи има вкупно 6 корисници меѓу кои и Бирото за јавна безбедност, Царинската управа и Управата за финансиска полиција. Тој тврди дека сега повеќе нема нелегално прислушување, односно се врши следење на комуникациите само со судски налози, а во моментов такви има 153. Кога станува збор за просечниот број на лица кои се следени по налог беше речено дека нивниот број е помал од 10 без да се наведе поконкретна бројка.

Ангеловски објасни и дека ОТА нема пристап до материјалите што се прибираат на ваков начин, а како можно решение за подобрување на контролата врз следењето на комуникациите, тој предложи сите материјали што се прибираат да се доставуваат до Јавното обвинителство, со што надлежните за контрола на работата на службите би имале поедноставна работа, односно наместо неколку места, би контролирале на едно место – во обвинителството.