Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, зборуваше во Брисел, осврнувајќи се на некои од клучните прашања пред состанокот на Контакт-групата за одбрана на Украина, пишува Гардијан. 

Запрашан за денешното отсуство на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, тој инсистираше дека САД остануваат „целосно посветени“ на НАТО и на помагањето на Украина.

Тој додаде дека Хегсет утре ќе се приклучи на преговорите за НАТО.

Руте, исто така, потврди дека Украина е поканета на самитот на НАТО во Хаг , Холандија, подоцна овој месец.

„Украина е поканета на Самитот на Алијансата што ќе се одржи во Хаг за неколку недели“, изјави Руте пред состанокот на министрите за одбрана во Брисел и додаде дека деталната програма наскоро ќе биде објавена.

На новинарско прашање дали претседателот Володимир Зеленски лично е поканет, Руте одговори дека тоа ќе се знае со објавата на официјалната програма.

Зеленски пред два дена изјави дека е важно на јунскиот самит на НАТО да се потврди решеноста на Алијансата да остане силна, и дека Европа нема да се откаже од својата безбедност.

Руте исто така ја нагласи итноста од зајакнување на одвраќањето и одбранбените капацитети како одговор на растечките глобални закани и ја нагласи важноста на поголемите трошоци за одбрана, истакнувајќи дека повеќето сојузници ја исполнуваат целта од 2 проценти од БДП оваа година, но додаде дека мора да одат подалеку и побрзо за да ги затворат празнините во плановите за колективна одбрана на НАТО.