„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите.“

Ова е содржината на СМС-пораката што според Апелациски суд Скопје, првиот човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, вчеравечер ја испратила на еден од членовите на Кривичниот совет на Апелацискиот суд Скопје кој решавал за пуштање на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева. СМС-пораката скопска Апелација ја објави на својата веб-страница.

Според судот, тоа е директна закана и грубо мешање во неговата работа, а за пуштањето на Јанева во домашен притвор вели дека е исто така мерка за обезбедување присуство.

„Апелациониот суд Скопје, во врска со изнесената содржина на СМС пораката, како и подоцнежен јавен настап на јавниот обвинител со слична содржина во медиумите, недвосмислено изразува став дека тоа претставува директна закана и грубо мешање во работата на судот каде јавното обвинителство е само странка во постапката.
Апелациониот суд Скопје смета дека ваквото однесување на јавен обвинител претставува искористување на позицијата на јавен обвинител и обид преку јавен настап да се наметне постоење на елементи на корупција во постапувањето на Кривичниот совет и да се изрази неосновано и паушално сомневање во поглед на правилноста и законитоста на одлуката на Кривичниот совет за определување на мерка куќен притвор која по својата законска поставеност и правна природа е мерка која после мерката притвор, претставува најстрога мерка за обезбедување присуство на обвинетите во кривичната постапка“, се вели во соопштението на веб-страницата на Апелациски суд Скопје.

Постапката на Рускоска, според судот „претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката“.