„Рускиот Гугл“ сака да ги продаде бизнисите во Русија и да продолжи со работа од странство

Од достава на храна до такси услуги и пребарување на интернет, „Јандекс“ планира да си замине од Русија; Фото: Vladislav Bychkov on Unsplash

Една од најпознатите руски технолошки компании „Јандекс“, која е пандан на американскиот „Гугл“, одлучи дека не може да остане во Русија и сака да ги пренесе своите најперспективни нови технологии во странство и да го отфрли најголемиот дел од бизнисот што го има во Русија, пишува Форчн. И „Њујорк Тајмс“ и „Фајненшл тајмс“ веќе имаа стории на идентичната тема, објаснувајќи дека „Јандекс“ сака да ги прекине односите со Русија за да го заштити својот бизнис.

„Јандекс“ е доминантен пребарувач во Русија и е познат во дел од земјите од поранешниот СССР и досега имаше седиште во Москва. Сепак, од компанијата се обидуваат да ги избегнат ефектите од западните санкции наметнати откако Владимир Путин одлучи да изврши инвазија врз Украина.

Според планот, за кој „Фајненшл тајмс“ објави во четвртокот, „Yandex N.V.“ која е холдинг-компанија на „Јандекс“ регистрирана во Холандија, ќе ги продаде повеќето од своите руски бизниси, како што се пребарувањето на интернет, е-трговијата и такси услугите, на локален купувач. „Њујорк Тајмс“ подоцна објави дека „Yandex N.V.“ потоа ќе ги префрли своите најперспективни технологии на неруските пазари.

Прекинувајќи ги врските со Русија, „Јандекс“ се надева дека ќе ги заштити своите понови инвестиции, како што се самоуправувачките автомобили, „cloud computing“ и образовната технологија од било какви врски со рускиот пазар. Западните партнери ги откажаа врските со „Јандекс“ по руската војна во Украина, вклучително и компанијата за испорака на храна „Грабхаб“ која ја заврши својата иницијатива за испорака на роботи со „Јандекс“ неколку дена по руската инвазија. Новите извозни контроли ја ограничуваат и продажбата на напредни технолошки компоненти на Русија.

Сепак, има пречки во ваквиот план на „Јандекс“, бидејќи ќе треба да најде локален купувач што е подготвен да ги купи нејзините руски бизниси. Исто така, ќе му треба дозвола од Москва за пренос на лиценци за технологија надвор од земјата, а акционерите на „Јандекс“ ќе треба да се согласат со планот.

Планот на „Јандекс“ наводно е поддржан од Алексеј Кудрин, поранешен министер за финансии на Русија. Се очекува Кудрин да заземе водечка позиција во „Јандекс“ откако договорот ќе биде завршен, пишува „Фајненшл тајмс“.

Иако не е во државна сопственост, компанијата „Јандекс“ има блиски односи со руската влада. „Јандекс“ во 2019 година се согласи да ѝ даде на државата поголем глас во нејзините оперативни одлуки, во обид да го спречи законодавството што ја ограничува странската сопственост на руските технолошки компании.

Берзата „Насдак“ го прекина тргувањето со акциите на „Јандекс“ веднаш по руската инвазија поради загриженоста од американски санкции. Акциите на „Јандекс“ во Москва паднаа за 60,3 отсто од почетокот на годината. Падот на акциите доаѓа и покрај силните перформанси на „Јандекс“ на рускиот пазар, при што приходите се зголемија за 46 отсто во третиот квартал на годишно ниво.

Руската технолошка компанија исто така е погодена од егзодусот на талентирани Руси кои ја напуштаат земјата по инвазијата во Украина. Над 10 отсто од 19.000 вработени во „Јандекс“ си заминаа, објави „Блумберг“ во август.

Европската Унија, исто така, ги таргетираше директорите на „Јандекс“ со санкции, обвинувајќи ја компанијата за промовирање на про-воена руска пропаганда на својата платформа за вести. ЕУ го санкционираше заменик-извршниот директор на „Јандекс“, Тигран Худавердјан, кој беше одговорен за одделот за вести, во март.

ЕУ го санкционираше основачот и тогашен извршен директор на „Јандекс“ Аркадиј Волож во јуни, обвинувајќи го дека „материјално или финансиски“ ја поддржува руската инвазија. Волож поднесе оставка како извршен директор истиот ден. „Јандекс“ го продаде својот оддел за вести на руската технолошка компанија „ВК“ во август.