fbpx

Руски воздушни напади во Украина, најмалку шест загинати цивили

Штети од руските напади се регистрирани низ целата територија на Украина, при што се погодени три термоцентрали и неколку станбени згради

-

Русија изврши нови воздушни напади врз Украина, во кои најмалку пет цивили го загубија животот, пренесува Би-би-си. Цивилните жртви се од градот Лвив во западна Украина, каде руска ракета погодила дом, напиша гувернерот на регионот Лвив, Максим Козицки. Во регионот Днипропетровск најмалку едно лице загинало, а две се повредени по руските ракетни напади во кои биле користени камиказе-дронови и проектили.

Украинската војска утрово соопшти дека Русија истрелала 81 проектил и 8 ирански камикази-дронови врз градовите, при што противвоздушната одбрана успеала да уништи 34 крстаречки ракети и четири дронови од иранско производство.

Руските ракетни напади се регистрирани низ повеќе украински градови. Градоначалникот на Кијив, Виталиј Кличко информираше дека се случиле експлозии во јужните и западните делови на градот. Најмалку 15 отсто од жителите на Кијив се оставени без снабдување со струја по нападите, јавува Укринформ. Една од руските ракети завршила во дворот на станбена зграда, при што биле опожарени возила.

Истреланите ракети погодиле три термоцентрали во Украина, при што енергетската опрема била сериозно оштетена кај еден од објектите, но нема жртви во нападите, информираше украинската компанија ДТЕК.

Во масивниот ракетен напад бил погоден енергетски капацитет во Одеса, предизвикувајќи прекин во снабдувањето со струја. Во пристанишниот град биле погодени и станбени згради, но нема информации за загинати лица.

Околу 15 удари биле регистрирани од руските напади во Харкивскиот регион, при што биле погодени неколку градови. Во градот Харкив имало прекин во снабдувањето со струја, а покрај инфраструктурни објекти била погодена и станбена зграда, пишува Би-би-си.

Украинската компанија „Енергоатом“ изјави дека по ракетниот напад врз нуклеарната централа во Запорижја бил погоден последниот енергетски далновод меѓу постројката и украинскиот електроенергетски систем. Оштетувања од руските ракетни напади се регистрирани и во украинските региони Виница, Ривне, Полтава, Ивано-Франкивск, Миколаив, Хмелницки, Тернопил и Житомир во централните, западните и јужните делови на Украина, но украинските власти не прецизираат за какви оштетувања станува збор.

Покрај ракетирањата, руската војска продолжува со интензивните офанзивни дејствија врз градот Бахмут во Донецкиот регион. Руските сили тврдат дека ја презеле контролата врз источниот дел на градот, но украинската војска соопшти дека ги одбила интензивните руски напади.

Руските сили со месеци се обидуваат да го преземат Бахмут, а двете страни претрпуваат големи загуби во тешката војна. Проценките што ги пренесува Би-би-си од западни извори се дека во оваа воена операција биле ранети или убиени помеѓу 20.000 и 30.000 руски војници, иако ваквите бројки не можат да се проверат независно.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени тројца германски државјани за наводно шпионирање за Кина

Полицијата во Дизелдорф и Бад Хомбург уапси тројца германски државјани за шпионирање за кинеската тајна служба. Двајца мажи и една жена се во притвор, објави во понеделникот федералното обвинителство,...