fbpx

Руски воздушен напад уништи училиште во Житомир, НАТО предупредува дека Русија користи касетни бомби

-

Во центарот на Житомир, град во северозападниот дел на Украина, руски воздушен напад ја уништи зградата на училиштето бр.25, соопштија украинските власти.

„Беше лансиран проектил или бомба. Информациите за жртвите ќе бидат објавени подоцна. Всушност, половина од училиштето беше уништено. Спасувачките операции се во тек“, рече градоначалникот на Житомир, Серхиј Сухомлин во своето видео обраќање, пренесува Укринформ.

 

Градското училиште бр.25 се наоѓа на улицата Мала Бердичивска, во близина на централниот дел на градот и зградите на Регионалната државна управа и Градскиот совет.

Националната полиција на Украина соопшти дека во текот на 3 март и ноќта на 4 март, биле извршени неколку локални воздушни напади во регионот, а штетата е регистрирана на територијата на Коростен (локомотивно депо) и во едно од населените места во близина на регионалниот центар.

Националниот сервис за информирање Укринформ објави и дека ноќта на 2 март, руските напаѓачи истрелале три проектили кон Житомир, оштетувајќи станбена зона, гасовод, градска болница, регионален перинатален центар, воен институт и продавници.

Руската војска ја зазеде и телевизиската кула во градот Херсон, објави Укринформ.

НАТО предупредува дека Русија користи касетни бомби во Украина

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека има докази дека Русија користи касетни бомби во својата инвазија.

„Видовме употреба на касетни бомби и видовме извештаи за употреба на други видови оружје што би било во спротивност со меѓународното право“, им рече тој на новинарите на прес-конференција.

Тој, исто така, вели дека западната воена алијанса нема да воспостави зона забранета за летови над Украина, ниту да испрати свои војници таму, но ветува друга помош за Киев и го повика претседателот Владимир Путин веднаш да ја прекине инвазијата.

Ова предупредување на шефот на НАТО доаѓа само неколку часа откако руските сили ја зазедоа најголемата нуклеарна централа во Европа, во областа Запорожје.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека рускиот напад на нуклеарната централа Запорожје можел да предизвика уништување „како шест Чернобили“.

„Луѓе на Украина! Преживеавме ноќ што можеше да го запре текот на историјата – историјата на Украина, како и на Европа“, рече Зеленски во телевизиско обраќање.

Тој рече дека Русија знаела што прави кога ја гранатирала зградата во комплексот на нуклеарната централа Запорожје и тоа го нарече „терор на невидено ниво“.

Тој им се обрати на народот на Русија и праша како е тоа можно.

„Зарем не се боревме заедно против последиците од катастрофата во Чернобил во 1986 година“, рече тој и ги повика руските граѓани да излезат на улица и да ѝ кажат на својата влада „дека сакаат да живеат“.

Зеленски повторно побара воведување зона на забранети летови над Украина и санкции против „нуклеарната терористичка држава“.

Но, каква слика добиваат Русите кои протестираат против војната?

Во меѓувреме, рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор им нареди на медиумите во земјата да објавуваат само информации обезбедени од официјални извори. Исто така, руската Дума забрани употреба на зборовите „војна“ или „инвазија“ за нападот врз Украина, туку тие требало да користат „специјална воена операција“.

Претходно денеска, Роскомнадзор соопшти дека го „ограничил“ пристапот до независните медиуми, меѓу кои сајтовите на Радио Слободна Европа, руските сервиси на Дојче веле и Би-би-си, како и Фејсбук и Твитер. Исто така, ограничен е пристапот до продавниците за интернет апликации на Епл и на Гугл.

Портпаролот на Би-би-си рече: „Пристапот до точни, независни информации е основно човеково право кое не треба да му се ускратува на народот на Русија.

„Ние ќе продолжиме со нашите напори да ги направиме вестите на Би-би-си достапни во Русија и во остатокот од светот“.

Пред четири дена најмалку пет лица загинаа кога руските сили ја нападнаа главната телевизиска кула во Киев и главниот споменик на Холокаустот во градот, откако Русија предупреди дека ќе изврши „висока прецизност“ на ударите врз главниот град на Украина, по што следеше затворањето и на неколку независни руски медиуми.

Во четвртокот, еден од последните независни медиуми во Русија, ТВ Дожд, престана да емитува програма откако беше под притисок за покривање на инвазијата.

Радио станицата „Ехото на Москва“ која прикажуваше интервјуа од Украина кои ја опишуваат инвазијата, беше исклучена во вторникот. Во четвртокот беше целосно затворена од одборот на директори.

Руската државна телевизија истовремено ја прикажува војната на многу поинаков начин од преносите што се гледаат низ остатокот од светот.

Би-Би-Си, велејќи дека никогаш немало подобра илустрација за алтернативната реалност претставена од руските државни медиуми и ги анализираше вестите од 17:00 часот по Гринич во вторникот. Додека BBC World TV го отвори својот билтен со извештаи за руски напад на ТВ кула во главниот град Киев, руската телевизија објави дека Украина е одговорна за нападите врз сопствените градови.

Подоцна утрото, во 08:00 часот по московско време, го Би-би-си го следеше утринскиот билтен од телевизискиот канал НТВ, кој е во сопственост на подружница на Газпром, фирма под контрола на Кремљ. Тој се концентрира речиси исклучиво на настаните во Донбас, регионот на истокот на Украина, каде што на 24 февруари Русија изјави дека ја започнува својата „специјална воена операција“ за „демилитаризација и денацификација“ на Украина, а не се спомнуваат извештаите за застрашувачкиот воен конвој долг со километри до главниот град на Украина, Киев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...