fbpx

Руски војник го раскажува искуството од инвазијата на Украина: Нѐ претворија во дивјаци

-

„Не гледам правдина во оваа војна. Не гледам вистина“, вели Павел Филатјев, руски војник бргу вратен од Украина во Москва поради здравствен проблем, во разговор со новинар на британскиот весник „Гардијан“.

Павел Филатјев пред две седмици на својата страница на руската социјална мрежа „ВКонтакте“ објави „бомба“ – своите сеќавања и ставови за инвазијата на Украина во документ од 141 страница. По разговорот со новинарот на „Гардијан“ избегал од Русија, стравувајќи од одмазда од државата и поединци поради својата искреност.

Поранешниот падобранец, секако, ги знаел последиците за тоа што го кажува. Знаел дека ризикува затвор, да биде нарекуван предавник и да биде омразен од своите поранешни соборци, пишува „Гардијан“.

„Не гледам правдина во оваа војна. Не гледам вистина. Не се плашам да се борам во војна. Но мора да почуствувам правдина, да разбирам дека тоа што го правам е правилното. Верувам дека сето ова пропаѓа не само поради тоа што власта украде се, туку бидејќи ние Русите не чувствуваме дека тоа што го правиме е правилно“, вели тој во разговорот со новинарот на „Гардијан“ во кафуле во финансискиот кварт во Москва, наспроти еден парк.

Во своите мемоари од фронтот објавени на „ВКонтакте“, Филатјев опишува, ден за ден, како неговата падобранска чета била испратена од украинското копно на Крим, како влегле во Херсон и како го освоиле пристаништето и како потоа еден месец вкопани преживувале тешки артилериски напади близу Миколаив, и како потоа бил повреден и бил евакуиран од конфликтот поради очна инфекција.

Тогаш веќе бил цврсто убеден дека мора да го разоткрие гнилежот во срцевината на руската инвазија на Украина.

„Седевме под артилерски оган кај Миколаив. Тогаш веќе мислев дека тоа што го правиме се г…., зошто по ѓаволите воопшто ни е потребна оваа војна? И тогаш си помислив: Боже, ако преживеам, ќе правам сѐ што треба за да со сопрам ова“.

Минал 45 дена пишувајќи ги своите мемоари од конфликтот, прекршувајќи го кодот на молчење по кој зборот „војна“ е забранет.

Неговите мемоари се именувани „ЗОВ“, според тактичките ознаки на руските воени возила, кои се прифатени во Русија како симбол за поддршка на војната. Како што пишува „Гардијан“, тие се досега најдеталниот искрен отчет од руски војник што учествувал во инвазијата на Украина. Извадоци се преобјавени во руските независни медиуми.

Мајка му му велела да бега од Русија додека може.

Филатјев е сега надвор од Русија, бегајќи некаде во текот на викендот, со помош на руската мрежа за човекови права Gulagu.net, со тоа станувајќи не само првиот руски војник што детално критички ја опишал руската инвазија на Украина, туку и првиот војник што избегал од Русија бидејќи се спротивставува на војната што Русија ја води во соседната земја, пренесува „Гардијан“.

Филатјев служел во 56. полк за воздушни напади на Крим. Опишува како неговата преморена и слабо опремена чета упаднала на украинското копно под силен „ракетен дожд“ на крајот на февруари безмалку без конкретна логистика или зададени цели и немала поим зошто воопшто се случува војната.

„Ми требаа седмици да разберам дека нема војна на руска територија и дека едноставно ја нападнавме Украина“, вели Филатјев.

На едно место раскажува како прегладнетите падобранци, елитна единица на руската армија, го заземале пристаништето во Херсон и веднаш почнале да грабаат „компјутери и секакви други вредни стоки што можевме да ги најдеме“. Потоа во кујните барале храна за да се најадат.

„Како дивјаци, јадевме сѐ што имаше таму: овесни каши, јачменови каши, мармалади, мед, кафе… Не ни беше гајле за ништо, веќе бевме напрегнати до пукнување. Голем дел беа минале еден месец без ниту трошка комфор, туш или нормална храна. Во неверојатно дивјачка состојба може да ги отераш луѓето ако не помислиш на фактот дека тие треба да спијат, да јадат, да се искапат. Сѐ околу ни создаваше гад: Како пробисвети, само се обидувавме да преживееме“, пишува Павел Филатјев.

Тој раскажува и за „деградацијата“ на армијата, вклучувајќи користење застарена опрема и возила, поради што руските војници биле директно ранливи на украинските напади. Пушката што му ја дале била со ‘рѓосана цевка и со скинат ремен.

„Бевме идеална цел. Беше нејасно каков е планот – никој ништо не знаеше“, вели Филатјев опишувајќи го патување кон Херсон на стари неоклопени Уаз камиони, кои понекогаш стоеле в место и по 20 минути, не знајќи што е следно.

По речиси месец во ров во Миколаив, под жесток укрански оган, детонација на граната му прснува кал во око, по што се развила инфекција што речиси го ослепела.

Филатјев раскажува и за кажувања за војници што се саморанувале за да избегаат од фронтот и да добијат отштета од 3 милиони рубљи (околу 40,5 илјади фунти), како и гласини за осакатување на заробени украински војници и на мртви тела.

„Најголемиот дел луѓе во армијата се несреќни поради тоа што таму се случува, незадоволни се од владата и од нивните команданти, незадоволни се од Путин и неговата политика, незадоволни се од министерот за одбрана, којшто никогаш не служел војска“, пишува Филатјев во своите мемоари.

Откако ги објавил, целата негова чета прекинала да контактира со него, но Филатјев верува дека 20 отсто од соборците го поддржуваат скришно неговиот протест.

Оригиналниот план на Павел Филатјев бил да ги објави мемоарите и потоа веднаш да се предаде в полиција. Но активистот Осечкин од Gulagu.net, се обидувал да го премисли од тоа и постојано му велел да бега. До оваа седмица Филатјев одбивал да го стори тоа. Во меѓувреме, секоја ноќ ја преспивал во различен хотел, влечкајќи го со себе црниот ранец, обидувајќи се да биде еден чекор пред полицијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...