Руски верски текстови за наводни пророштва сеат паника за новиот коронавирус

Религиозноста на дел од македонските граѓани се користи за ширење паника и дезинформации поврзани со новиот коронавирус, кој Светската здравствена организација (СЗО) го означува како 2019-nCoV, при што манипулативно се цитираат руски текстови за неговата појава да се претстави како почеток на светска катастрофа, пишува „КриТинк“.

Така, на пример, Фејсбук страницата „Православна Македонија“ има објавено пост со фотографија од фреска на Богородица по која тече вода што евентуално би требало да асоцира на бројните појави на солзење на фреските претставени како натприроден феномен. Придружниот текст, пак, (речиси во целост преведен од руски јазик) говори за тоа како одредени лица, означени како пророци, „предвиделе“ оти баш од тој вирус ќе изумреле „половина од народот – старци и деца“.

Постот има добиено над 1.400 допаѓања, 401 коментар (најчесто афирмативни) и 403 споделувања.

Повеќето од цитатите во постот им се припишани на лица непознати за македонската јавност, наводни свети луѓе од длабоките руски провинции, односно градови како Кемерово во Сибир или Чебаркуљ на Урал. Наводите зборуваат општо за болести како резултат на божји гнев, арно ама без детали од кои може да се види претходно знаење баш за овој вурус. Некои го зголемуваат нивото на страв и ужас со најави за светска војна.