fbpx

Руски раце натопени во крв: Една година од почетокот на воената инвазија врз Украина

-

Десетици илјади загинати луѓе, стотици илјади повредени, околу 8 милиони бегалци од Украина, евидентирани 65.000 воени злосторства и огромна материјална штета на Украина за чија обнова ќе требаат 350 милијарди долари.

Ова се погубните резултати на годишнината од почетокот на руската воена инвазија врз Украина. Чинот на руска агресија започна во раните утрински часови на 24 февруари 2022 година, откако рускиот претседател Владимир Путин прогласи „специјална воена операција“ во Украина.

Руските воени сили упаднаа на територијата на Украина од три правци, на југ од претходно окупираниот полуостров Крим, на исток од територијата на Русија и на север од правец на Белорусија. Паралелно со флагрантното прекршување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, Русија започна со бомбардирање на украинските градови, а крајната цел на воените активности беше намерата за насилно преземање на власта и враќање на Украина во сферата на руско влијание.

Една година подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето обраќање до граѓаните заклучи дека изминатава година била година на болка, тага, верба и единство.

„На 24 февруари, милиони од нас направија избор. Не бело знаме, туку сино-жолто знаме. Не бегање, туку соочување. Соочување со непријателот. Отпор и борба. Ова беше година на болка, тага, верба и единство. И ова е година на нашата непобедливост. Знаеме дека ова ќе биде година на нашата победа!“, напиша Зеленски на својот профил на Телеграм, пренесува Укринформ.

На годишнината од почетокот на воената инвазија на Русија врз Украина, на вонредна седница на Генералното собрание на Обединетите Нации со големо мнозинство на гласови од 141 земја-членка на ОН се побара од Русија „итно, целосно и безусловно“ повлекување од Украина и постигнување на „праведен и траен“ мир, пишува Гардијан.

Единствени земји кои гласаа против резолуцијата во Генералното собрание на ОН беа Русија, Белорусија, Северна Кореја, Еритреја, Мали, Никарагва и Сирија.

Европскиот континент минатава година беше сведок на војна, која по бројот на раселени лица и широчината на фронтот не е забележана од крајот на Втората светска војна. Си-би-ес во рекапитулацијата по повод годишнината од почетокот на воената агресија, пишува дека Русија и Украина официјално не ги соопштиле точните бројки на загинати војници.

Украина соопшти дека во просек дневно гинат по 824 руски војници во текот на февруари 2023 година, додека општата анализа поддржана од владата на Обединетото Кралство проценува дека изминатава година Русија претрпела помеѓу 175.000 и 200.000 жртви, вклучувајќи ја тука и бројка од 40.000 до 60.000 убиени руски војници. Колку за споредба, Советскиот Сојуз при воената инвазија на Авганистан во периодот помеѓу 1979 и 1989 година изгуби вкупно 15.000 војници.

Во декември лани, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 13.000 украински војници загинале од почетокот на руската воена агресија врз Украина.

Податоците на Обединетите Нации говорат за 7.199 убиени цивили во Украина и за 11.756 повредени во изминатава година, но и ОН признаваат дека реалниот број на жртви е многу поголем поради тоа што тешко можат да добијат информации од областите каде што има тешки борби.

Според податоците на европскиот комесар за правда, 65.000 осомничени воени злосторства се пријавени од почетокот на руската воена инвазија врз Украина.

Постојат голем број меѓународни договори, а Женевската конвенција и Женевскиот протокол се два од најважните, кои воспоставуваат меѓународни правни стандарди за војување. Секое прекршување на тие стандарди е воено злосторство кое може да се гони пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг.

Како последица на руската агресија врз Украина, повеќе од 8 милиони Украинци биле приморани да ја напуштат својата земја, додека дополнителни 5,3 милиони жители на Украина се водат како внатрешно раселени лица во земјата. Дополнително, Украина веќе подолг период ја обвинува Русија за присилно раселување на украински жители во Русија од териториите окупирани од нејзина страна.

Најмалку 6.000 украински деца биле однесени во кампови и други установи во Русија и на украинската територија окупирана од Русија од почетокот на инвазијата, кои биле спречени да комуницираат со нивните семејства и биле подложени на проруско превоспитување, според неодамнешниот извештај на Опсерваторијата за конфликти.

Во септември лани, Светската банка соопшти дека обновата на Украина по руската воена агресија би можела да чини 350 милијарди долари, пренесува Ројтерс. Украинските власти тврдат дека само штетите предизвикани врз животната средина достигнале над 48 милијарди евра и опфаќаат уништување на шуми, национални паркови, плодни земјишта, загадување на водите, почвата и воздухот од бомбардирањата и уништувањето на индустријата од страна на Русија, пишува Политико.

Русија се обидува да продолжи нови офанзивни дејствија на територијата на Украина, додека американскиот државен секретар за одбрана Лојд Остин во интервју за Си-ен-ен рече дека западната помош што ја добива Украина ќе ѝ овозможи во наредниот период да ги пробие руските линии на одбрана на окупираните територии и дека тоа ќе овозможи поинаква динамика на војната во корист на Украина. Остин вели дека целта на Украина е да ги истисне руските сили надвор од нивната суверена територија

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7...