Фото: CDC на Unsplash

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот и во светот.

Познатиот портал за борба против дезинформациите polygraph.info анализираше статија од рускиот провладин портал News Front, кој целосно извртено изнел резултати од една анкета нарачана од Ројтерс, за да претстави дека голем број од жителите на САД не би се вакцинирале против Ковид-19. „Секој четврти Американец е против примање анти-Ковид-19 вакцина“, гласел насловот на спорната статија на руски јазик, објавена на 21 мај.

„Насловот е неточен. News Front смислено ги „смалува“ резултатите, кои покажуваат поддршка за вакцина против корона вирусот. Анкетата е спроведена од 13 до 19 мај, со 4.428 испитаници.

News Front ги изедначува недостигот на интерес за вакцината со спротивставување на неа. Ваквите квалификации целосно ги замаглуваат резултатите изнесени од Ројтерс, коишто велат дека 14 отсто од оние што биле испитани рекле дека воопшто не се заинтересирани да примат вакцина, а 10 отсто рекле дека не се многу заинтересирани. Уште 11 отсто биле несигурни.

„Незаинтересираност или несигурност не значат и спротивставување. Анкетата покажала дека мнозинството е за вакцина против корона вирус и силно го поддржува вакцинирањето, кое се покажа ефикасно против други болести“, пишува polygraph.info, наведувајќи дека речиси две третини од испитаниците рекле дека се „многу“ или „донекаде“ заинтересирани за вакцина против корона вирусот, а 84 отсто рекле оти веруваат во безбедноста на вакцините, како оние за морбили – и за деца и за возрасни.

Polygraph.info исто така потсетува дека 29 отсто од оние што рекле дека не се „многу“ заинтересирани да примат вакцина против корона вирус, рекле дека ќе го сменат ставот ако вакцината биде одобрена од Администрацијата за храна и лекови на САД.

Исто така, во спорната статија News Front погрешно пренесува дека најмалку 70 отсто од Американците треба да се вакцинираат за да се сузбие вирусот и да се спречи неговото ширење. Но всушност, според Ројтерс, експертите сметаат оти 70 отсто од Американците „треба да бидат имуни или преку вакцина или преку претходна инфицираност“, за да се постигне „колективен имунитет“, пишува Polygraph.info, нагласувајќи дека News Front е провладин руски сајт, познат по објавување теории на заговор и лажни вести, вклучително и за корона вирусот.