Русија започна бран напади со беспилотни летала и ракети низ Украина во среда, при што загинаа најмалку 16 лица, а околу 100 беа повредени, соопштија украинските власти.

Осум лица се убиени во јужниот пристанишен град Одеса, напиша на Телеграм началникот на градската воена администрација Сергеј Лисак, а нападите продолжија и во четврток наутро, објави Би-Би-Си. 

Две деца, на возраст од пет и 14 години, беа убиени во украински напад со беспилотно летало во рускиот регион Краснодарски краj.

Нападите доаѓаат по краткото примирје што се случи за време на Велигден.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, напиша на Телеграм дека покрај смртните случаи во главниот град, спасувачите извлекле мајка и дете од урнатините на 16-катна станбена зграда.

На северот од главниот град, меѓу повредените се четворица медицински работници од Итната медицинска помош.

Во напад врз централниот град Днепар, тројца луѓе беа убиени, а десетици беа повредени, напиша на Телеграм Олександр Ганжа, шеф на регионалната администрација. Сликите објавени на интернет покажуваат згради во пламен во градот.

12-годишно момче беше меѓу четирите жртви во Киев, а три лица беа убиени во Днепар на југоистокот.

А во Харков, во напад со беспилотно летало беа повредени 77-годишна жена и 66-годишен маж, изјави официјален претставник.

Два града на југ, Николаев и Херсон, останаа без струја. 

Претседателот Зеленски изјави дека украинските вооружени сили собориле 636 руски дронови во текот на претходниот ден. 

Тој рече дека извештајот од украинските воздухопловни сили покажал дека Русија лансирала речиси 700 дронови, како и 19 балистички ракети и други крстосувачки ракети во текот на ноќта.