Бомбардерот Б52 | Фото: НАТО

Два руски ловци Су-27 „пресретнале“ американски бомбардер Б-52 во меѓународен воздушен простор над Црното Море во петокот, објави утрово Европската команда на вооружените сили на САД (ЕУКОМ), која објави и видео од средбата, оценувајќи ја како „небезбедна и непрофесионална“ . Бомбардерот е еден од шесте „Стратотврдини“ Б-52 кои во петокот извршија прелети над сите 30 членки на НАТО, вклучувајќи ја и Македонија.

видео: EUCOM

„Околу 11:19 часот на 28 август двајца пилоти на руски Су-27 пресретнаа бомбардер Б-52 на Военото воздухопловство на САД кој изведуваше рутински операции над меѓународни води во Црното Море. Руските пилоти летаа на небезбеден и непрофесионален начин, повеќе пати минувајќи на иста висина на 30 метри од носот на Б-52 под полна силина на моторите (afterburner, н.з.), предизвикувајќи турбуленции и ограничувајќи ја можноста за маневрирање на Б-52“, соопшти ЕУКОМ од базата Рамштајн во Германија.

Европската команда во соопштението нагласи дека Военото воздухопловство на САД рутински изведува операции во црноморскиот регион, но секогаш во согласност со меѓународните стандарди за безбедност пропишани во правилата за летање од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO).

Ова е трето „небезбедно и непрофесионално пресретнување“ на руски ловци на бомбардери кои прелетале над Македонија, а вообичаена пракса на руските пилоти кога станува збор за авиони на НАТО.

На 29 мај руски ловци над Црното Море „пресретнаа“, препречувајќи им ја траекторијата на лет, американски бомбардери Б-1 кои истиот ден ја надлетаа земјава во чест на нејзиното членство во НАТО. Во јули лани, пак, истото се случи и со американски Б-52 кој надлета над Скопје и Криволак одбележувајќи ја македонско-американската воена вежба „Одлучен удар“, најголема воена вежба во независна Македонија.