Дронови за кои постои сомнеж дека се руски ноќеска се урнаа во Романија и Молдавија, во време на континуиран масовен напад со дронови и ракети врз Украина, јавуваат украински медиуми. Молдавската полиција преку објава на Фејсбук соопшти дека дрон со специфични елементи од типот ’Гербера‘, кој го користи Руската Федерација, бил пронајден во областа Флорешти во земјата.

Друг дрон го нарушил воздушниот простор на Романија во траење од околу четири минути пред да се урне во близина на Солка, во округот Сучава, објави Диги 24. Романија не ја обвини директно Русија, но вршителот на должноста министер за одбрана, Раду Мируца, изјави за медиумот дека е неопходно да се упати протест до Москва поради инцидентот.
Немаше извештаи за жртви во ниту една од двете земји.

Инцидентите се случуваат во ек на долготраен напад со дронови и ракети врз Украина, при што гувернерот на областа Чернивци, Руслан Осипенко, изјави дека руското оружје целело кон граничната инфраструктура, особено кон меѓународните гранични премини на украинско-романската и украинско-молдавската граница.

Руските дронови и ракети во изминатите месеци редовно го нарушуваат воздушниот простор и на Романија и на Молдавија.

Дрон за кој постои сомнеж дека е руски, од типот „Шахед“, кој на 8 септември го наруши воздушниот простор на Молдавија и Романија, за малку ќе го погодеше авионот на претседателот Володимир Зеленски додека тој полетуваше од Молдавија.
На 16 август, борбени авиони на НАТО соборија дрон за кој постои сомнеж дека е руски, а кој го нарушил романскиот воздушен простор во близина на молдавската граница – што го потврди романскиот министер за одбрана Раду Мируца – и тоа беше четврти таков случај на навлегување на наводен руски дрон оваа година.

Еден ден подоцна, на 17 август, руска крстосувачка ракета „S8000 Бандерол“ навлезе во воздушниот простор на Молдавија за време на рускиот напад врз Одеса, пред да се урне во поле со пченка на околу 3 километри од селото Талмаз, во молдавскиот округ Штефан Вода.