fbpx

Руската воена база „Енгелс“ нападната со дрон, три лица загинаа

-

Три лица загинаа во нападот врз руската воена база „Енгелс“ во близина на рускиот град Саратов, пренесува Би-би-си. Руското Министерство за одбрана преку соопштение обвини дека станува збор за украински дрон, кој го извршил нападот од воздух, и дека противвоздушната одбрана го соборила беспилотното летало, но наводно „како резултат на паѓањето на остатоци од дронот, три лица од воениот технички персонал што се наоѓале на аеродромот се здобиле со смртни повреди“.

Официјален Кијив засега не презема одговорност за нападот на руската воена база, која што се наоѓа на околу 500 километри оддалечност од руско-украинската граница. Украинските медиуми ги пренесуваат информациите за нападот со дрон врз базата „Енгелс“, наведувајќи дека Русија ја користи оваа база за масивните ракетни напади врз Украина и дека тука се лоцирани руските бомбардери Ту-95 и Ту-160, пишува Укринформ.

Уредникот на Би-Би-Си Русија, Стив Розенберг во својот коментар за нападот врз руската база „Енгелс“ вели дека последниот инцидент ќе претставува нов срам за руските власти.

Инаку, веднаш по нападот што се случил денеска околу 1:35 часот по руско време, на социјалните мрежи граѓаните од Саратовската област објавија видеа на кои може да се слушне звук од експлозии и воздушни сирени на аеродромот „Енгелс“.

Во претходниот пријавен напад на 5 декември на аеродромот и друга воздухопловна база во регионот Рјазањ, тројца војници исто така беа убиени од остатоци од соборено украинско беспилотно летало, соопшти тогаш Москва. Два авиони биле лесно оштетени, според руските извори.

Во воената агресија врз Украина, Русија во текот на вчерашниот божиќен ден извршила повеќе од 40 ракетни напади врз Украина, пренесува Гардијан. Десетици населени места од регионите Херсон, Донецк, Харкив, Луханск и Запорижја биле гранатирани од руските трупи во изминативе 24 часа.

Гардијан ги пренесува и информациите на белоруското Министерство за одбрана, кое денеска информираше дека Русија им испорачала тактички ракетни системи „Искандер“ кои можат да носат нуклеарни боеви глави, но и системи за противвоздушна одбрана С-400. Тие биле распоредени во Белорусија и биле подготвени да ги извршуваат предвидените задачи, велат од белоруското министерство, и додаваат дека белоруските војници целосно ја завршиле обуката во заедничките центри за обука на вооружените сили на Русија и Белорусија.

Засега не е познато колку од системите „Искандер“ се распоредени во Белорусија, но ваквиот чекор следи по посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Минск на 19 декември и по објавената загриженост во Украина дека Путин ќе изврши притисок врз Белорусија да се приклучи на нова копнена офанзива и да отвори нов фронт на северот на Украина.

Системите „Искандер“ имаат дострел до 500 километри и може да носат конвенционални или нуклеарни боеви глави.

Руските сили досега ја користеа Белорусија како земја од каде што го започнаа нивниот неуспешен напад врз украинскиот главен град Кијив во февруари година, а во последните месеци имаше сè поголем наплив на руска и белоруска воена активност долж границата, вклучувајќи го и лансирањето на иранските смртоносни дронови.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

МВР: Фотографирани гласачки ливчиња во Скопје, Охрид, Берово и Радовиш

Пет лица си ги фотографирале гласачките ливчиња во текот на денешното гласање, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Станува збор за два случаи во Скопје и по еден во радовишко,...