фото: Укринформ

Според повеќе различни извори на информации, рускиот ракетен напад врз Дњипро на 14 јануари, каде што при експлозија во станбена зграда загинаа најмалку 41 цивил, а 79 беа ранети, бил извршен со стара анти-бродска ракета од советско време Кх–22, која од почетокот на агресијата на Русија врз Украина се користи од Руската армија како ракета воздух-земја. Ваквиот напад Кремљ се обиде да го објасни како удар на ракета од украинската против-воздушна одбрана, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

На 14 јануари во Дњипро, град во југоисточна Украина, од ракетен удар врз голем станбен комплекс беше „расцепена“ зграда во која што живеат цивили, при што, според податоците од 17 јануари, загинале најмалку 41 лице, при што неколку деца, 79 лица биле ранети, а 39 извлечени и три дена по нападот, од кои 6 деца. Овие информации можат да се најдат на украински медиумски извори како официјални информации соопштени од украинските власти. Заклучно со 17 јануари уште 25 лица се водат како исчезнати, така што бројот на загинатите може да расте.

Она што е типично во овој руски напад е што разорувањето и бројот на жртвите што ги предизвика во чисто цивилен кварт во Дњипро е предизвикан негативен пи-ар за Москва во меѓународната јавност од поголеми размери, така што Кремљ, по ден молчење се обиде да го смени наративот, дезинформирајќи дека руската војска не гаѓа цивилни цели. Во име на Москва се јави портпаролот на Кремљ Димитриј Песков.

„Ситуацијата во Дњипро е резултат на украинската против-воздушна одбрана“, изјави Песков. Тој вели дека рускиот ракетен напад од саботата не бил наменет за цивилни цели и дека руските сили не целеле врз станбени згради. Истовремено, тој ги критикуваше западните земји дека со испораката на воена помош на Украина само ја продолжуваат војната:

„Треба да го разберат тоа. Само ја продолжуваат приказната и ги продлабочуваат проблемите на украинската држава. Всушност, се сомневаме дека тие воопшто се загрижени за судбината на луѓето кои живеат во Украина и за нивната иднина. Едноставно, тие ја користат земјата како инструмент за остварување на нивните антируски цели“вели Дмитриј Песков, портпарол на претседателот на Руската Федерација. Истиот наратив го продолжи и на 17-ти јануари, наведувајќи дека „тенковите на НАТО ќе горат во Украина“.

 

Кх-22-моќна, но не баш прецизна руска ракета

Меѓутоа, настрана од ваквиот апсурден наратив – виновна е украинската ПВО, која, зошто би дејствувала ако нема руски ракети што гаѓаат украински цели – украинските воени претставници веќе потврдија дека истрагата покажала оти зградата е погодена од руска ракета oд типот Кh-22.  Ова го објавија странски медиуми, повикувајќи се на украинската воздушна команда, која објави и прецизно од каде дошол нападот, т.е. од правец на Курск во Русија.

Kh 22или X 22, руска ознака. Фото: Викимедија

Станува збор за моќна ракета со долг дострел, околу 600 километри, дизјанирана уште во советско време, чија основна намена била да биде убиец на бродови, односно наменета како против-бродска ракета за главни борбени бродови – разурнувачи, крстарици или носачи на авиони. Но, со почетокот на агресијата на Русија врз Украина, Русија почнува да ги користи овие ракети како тешко средство за уништување цели на земја и тоа уште од мај 2022 година, во јуни неколку вакви ракети го уништија шопингот молот во Кременшчук, убивајќи над 20 цивили. Најчесто ги истрелува од воздух од стратегиските бомбардери ТУ – 22М.

Оваа моќна ракета, која тежи 5,8 тона, при што само боевата глава тежи околу 1 тон, е многу разорно оружје, но колку е подолг дострелот, односно колку е пооддалечена целта, може да биде непрецизна и стотина метри, наведува и украинската армија, како и техничките податоци што можат да се најдат на интернет.

На 17 јануари портпаролот на укрианската воздушна команда Јуриј Инхат предупреди дека Украина нема капацитет на против-воздушната одбрана за соборување на ваков тип ракети. Тој уште додаде дека според нивни проценки Русија може да располага со уште неколку стотини ракети од овој тип, кои се главно распоредени во воениот аеродром во Шајховка во руската област Калуга.

 

***

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.