fbpx

Руска пропаганда со кратко траење: Агенцијата на ОН не најде „валкана бомба“ во Украина

-

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) при Обединетите Нации потврди дека не пронашле знаци за непријавена нуклеарна активност во Украина, откако изврши увид на три локации на барање на Украина, како одговор на руските наводи дека украинската страна работи на создавање „валкана бомба“, пишува Гардијан.

Официјална Москва ја обвини Украина дека планира да употреби валкана бомба – конвенционална експлозивна направа врзана со радиоактивен материјал – и рече дека институтите поврзани со нуклеарната индустрија во Украина биле вклучени во подготовките, но не презентираше докази за ваквото тврдење. Украинските власти го негираат обвинението.

Во соопштението на Меѓународната агенција за атомска енергија објавено доцна во четвртокот се наведува:

„Во текот на изминатите неколку дена, инспекторите можеа да ги спроведат сите активности што планираше да ги спроведе МААЕ и им беше овозможен неограничен пристап до локациите. Врз основа на евалуацијата на досега достапните резултати и информациите обезбедени од Украина, агенцијата не најде никакви индикации за непријавени нуклеарни активности и материјали на локациите“.

МААЕ ги именуваше локациите како што се: Институт за нуклеарни истражувања во Кијив, Источната рударска и преработувачка фабрика во Жовти Коди и производствена асоцијација Пивденни Машинско-градежна фабрика во Днипро.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неговото последно национално обраќање го поздрави заклучокот на нуклеарното набљудување на надлежното тело на ОН, нарекувајќи го „сосема очигледно“.

„Ја поканивме МААЕ да провери, им дадовме целосна слобода на дејствување во соодветните капацитети и имаме јасни и непобитни докази дека никој во Украина не создал или создава валкани бомби“, рече претседателот Зеленски.

Тој во обраќањето додаде дека единственото нешто што е валкано во нашиот регион сега се главите на оние во Москва кои, ја презедоа контролата врз руската држава и ја тероризираат Украина и целиот свет.

Покрај за руската пропаганда, претседателот Зеленски во говорот ја обвини Русија дека во неговата земја спроведува енергетски тероризам, оставајќи 4,5 милиони жители на Украина без електрична енергија поради ракетирањето на електроенергетската мрежа.

Зеленски додаде дека гаѓањето на енергетската инфраструктура е знак на слабост, во моменти кога руските сили не остваруваат напредок на линиите на фронтот.

„Тие не можат да ја победат Украина на фронтот, така што се обидуваат да ги скршат нашите луѓе на овој начин“, вели Зеленски.

Говорот на Зеленски доаѓа во моменти кога про-руски извори почнаа да најавуваат повлекување на руските сили од десната страна на реката Днипро во Херсонскиот регион. Дописникот на Би-би-си, Пол Адамс посочува дека финансиските средства од банките во Херсон се испразнети, додека музеите во градот се ограбени.

Би-би-си додава дека руската командна структура веќе се повлекла од главниот град во Херсонскиот регион и дека тие градат одбранбени позиции од левата страна на реката Днипро. Украинските официјални власти засега се внимателни во ваквите тврдења, наведувајќи дека напуштањето на одредени позиции во Херсон е можно да претставува замка поставена од руските сили.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...