Во еден типичен руски наратив на обвинување и напаѓање на Западот, руската новинска агенција „News Front“ на својот сервис на бугарски јазик објави текст под насловот „Во Македонија се насетува револуција која не е во полза на интересите на Западот“ во кој примарно известува за маршот и за другите активности на на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

Но таа „револуција“, како ја нарекува, е искористена само како своевиден шлагворт за да се изречат некои невистини и полувистини за актуелната политичка ситуација не само во Македонија, туку и во ЕУ.

Така, агенцијата вели дека иако „референдумот пропаднал“ Заев го осигурил преименувањето на Македонија во Северна Македонија „удирајќи шлаканица на достоинството на народот, продавајќи го името на земјата заради НАТО“. Потоа нагласува дека референдумот на 30 септември 2018 година пропаднал оти излегле само 36 отсто од гласачите, поради што бил објавен за невалиден, но тоа не и попречило на власта „да ги сменат Уставот“.

Ваквите тврдења воопшто не одговараат на вистината, оти референдумот беше консултатитивен,а не плебисцитарен – оти не се донесуваше одлука со секој глас на регистрираните избирачи.

Наведувајќи дека на Македонците во замена за промена на името им било ветено не само членство во НАТО, туку и „влез во Европската Унија“, агенцијата потоа тврди дека “европските земји го блокирале вклучување на балканската држава во ЕУ и покрај гласните ветувања“.

И повторно невистини и полувистини – прво, на Македонија не ѝ беше ветено влегување во ЕУ, туку почеток на преговори, а второ и побитно – во октомври лани на Европскиот Совет сите земји освен Франција беа за давање почеток на преговори на Северна Македонија и Албанија, со исклучок на Холандија и Данска, кои беа расположени на Македонија да ѝ се даде датум за почеток на преговори, а Албанија да остане без датум, но од Европскиот Совет не беше прифатено земјите да се раздвојат.

Поради тоа, невистина е дека европските земји ја блокирале Македонија да се зачлени во ЕУ – тоа го стори само Франција, а останатите членки на ЕУ го критикуваа тоа решение.