Русија суспендирана од меѓународни натпревари, познатите брендови ги прекинуваат врските со земјата

фото: колаж на фотографии од Unsplash

Низа познати брендови се повлекуваат од Русија изминатава недела, меѓу кои и филмски студија, технолошки компании и производители на автомобили и облека, по руската инвазија на Украина.

Стриминг платформата „Нетфликс“ објави дека паузира со сите идни проекти во Русија, соопштувајќи дека го проценува влијанието на актуелните случувања во Украина. Снимањето на серијата на руски јазик „Зато“ (Zato) е стопирано. Од компанијата соопштија и дека не планираат на својата платформа во Русија да ги додадат телевизиските канали финансирани од владата, откако регулаторите во оваа земја му наложија на „Нетфликс“ од овој месец да додаде 20 руски информативни, спортски и забавни канали на својата стриминг услуга.

Компанијата „Оракл“ исто така обзнани дека ги прекинала операциите во Русија.

Овие две американски компании се најновите технолошки фирми кои преземаа акција против Русија, додека ескалираат нападите врз градовите во Украина.

Во вторник, „Епл“ исто така објави дека ја запира продажбата во Русија. Мобилниот телефон „Ајфон“ е третиот најпродаван паметен телефон во Русија, со учество од 13 отсто во сите продадени телефони минатата година, соопшти „Би-би-си“.

Претходно, „Гугл“ ги ограничи информативните компании и издавачите финансирани од руската влада, меѓу кои и „Раша Тудеј“, оневозможувајќи им рекламирање, но и дел од алатките на Јутјуб. Во исто време, системот за плаќање „Google Pay“ е ограничен во Русија за клиентите на санкционираните банки.

„Повеќето од нашите услуги (Search, Maps, YouTube) во моментов остануваат достапни во Русија, обезбедувајќи пристап до глобалните информации и перспективи“, соопштија од „Гугл“.

Изминатава недела, голем број светски брендови, меѓу кои и „Шел“„Најк“ „Х и М“, „Боинг“ и „Харли Дејвидсон“ ги прекинаа врските или привремено ја запреа продажбата во Русија. „Боинг“ соопшти дека го прекинува одржувањето и техничката поддршка за руските авиокомпании.

„Како што брендовите ја напуштаат Русија, нејзините граѓани ќе почнат да забележуваат дека производите што порано ги купувале, едноставно, повеќе не се достапни“, пишува Стефан Пауел, аналитичар на „Би-би-си“ .

Русија е суспендирана и од повеќе меѓународни спортски и музички натпревари. Суспензиите следат откако украинските власти побараа од организациите и компаниите да воведат санкции против Русија.

Издавачот на игри „ЕА“ (Electronic Arts) објави дека ќе го отстрани Рускиот национален тим, како и сите руски тимови од играта ФИФА 22. Оваа одлука доаѓа откако раководните тела на фудбалот – ФИФА и УЕФА, соопштија дека Рускиот национален тим и клубовите ќе бидат суспендирани од сите натпревари.

По руската инвазија во Украина, беше одлучено и финалето на „Лигата на шампиони“ наместо во Санкт Петерсбург, да се одигра во Париз.

Формула 1, пак, ја откажа Руската „Гран При“ што требаше да се вози во септември во Сочи.

Минатата недела, Европската радиодифузна унија објави дека ѝ забранува на Русија да учествува на годинешниот Избор на песна за Евровизија. Во последниве години Русија имаше едни од највпечатливите настапи на оваа манифестација, при што во последнава децанија дури пет пати заврши на првите пет места.

Покрај победата во 2008 година, Русија беше фаворит и во 2016 година, кога украинската пејачка Јамала во последен момент „ја украде“ победата со песната во која ја прикажува депортацијата на кримските Татари од страна на Јозеф Сталин во 1944 година. Текстот на песната беше нашироко протолкуван како критика за руската анексија на Крим во 2014 година.