Русија сепак потврди дека млади регрути кои не се професионални војници се борат во Украина

Запленета и уништена воена опрема близу Буча, Украина, 1 март, 2022 г. Фото: Министерство за внатрешни работи на Украина, Mvs.gov.ua, CC BY 4.0, Викимедија комонс

Руската армија вчера за првпат потврди дека млади воени регрути учествувале во воениот напад врз Украина, кој трае веќе две недели. Оваа информација ја пренесоа и светските медиуми, но изненадувачки таа пронајде простор и во руските државни медиуми.

Портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков изјави дека дел од младите регрути биле заробени од украинските сили, потврдувајќи дека млади регрути биле испратени од Русија на борбените линии во соседната земја.

„Во моментов, се преземаат сеопфатни мерки за да се спречи испраќање на регрути во борбени области и ослободување на заробените војници“, ја пренесува изјавата на Конашенков руската новинска агенција Интерфакс.

Украинските официјални власти пак со денови наназад објавуваат видеа од исплашени руски млади момчиња во воени униформи, коишто се заробени од украинската војска.

Укринформ ја пренесува изјавата на Вадим Денисенко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи, во која што наведува дека украинските сили заробиле илјадници војници, без да прецизира точна бројка.

Исто така, податоците на украинските официјални лица велат дека околу 12.000 руски војници досега ги загубиле своите животи во изминативе две недели откако започна руската офанзива врз Украина. Сепак, ваквите бројки не можат да ги потврдат или демантираат ниту светските медиуми.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков пак се обиде да даде објаснување за тоа како се нашле млади воени регрути во борбите во Украина.

Наводно, рускиот претседател Владимир Путин побарал пред почетокот на руската офанзива воените регрути да бидат „категорично исклучени“, но дека отпосле добил извештаи за нивното присуство во вооружени единици коишто дејствуваат во Украина, објаснува руската државна агенција ТАСС.

Инаку, Владимир Путин пред неколку дена тврдеше дека во Украина нема руски регрути и резервисти, туку дека се ангажирани исклучиво професионални војници. Путин на 5 март рече дека нема планови за вклучување на регрути во борбите во Украина.

Британските воени разузнавачи пак веќе објавија дека имаат информации оти Русија користи регрути во Украина „за да надомести за загубите на фронтот“, додека Русија објаснува оти сите испратени млади воени регрути на фронтот ќе бидат вратени назад на нивна територија.