Висок руски функционер упати закани кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, откако Русија тврдеше дека Украина извршила напад со беспилотни летала врз една од официјалните резиденции на рускиот претседател Владимир Путин, објави Еј-би-си.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров тврди дека Украина извршила напад со беспилотни летала врз државната резиденција на Путин во Новгородската област ноќта на 29 декември. Лавров не понуди докази во поддршка на тврдењето, кое Зеленски брзо го отфрли како руски обид за дезинформација.
Кремљ соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп бил информиран за наводниот напад за време на телефонскиот разговор со Путин во понеделник. Руските претставници, исто така, се заканија со одмазднички напади во Украина.
Јуриј Ушаков, помошник на Путин, за државната новинска агенција Тас изјави дека Путин и Трамп разговарале за ситуацијата по телефон во понеделник, при што американскиот лидер го изразил своето изненадување и гнев.
Зеленски ги отфрли руските изјави за наводниот украински напад со беспилотни летала како „уште една лага“.
„Сега, со нивната изјава дека некоја нивна резиденција била нападната, тие едноставно се подготвуваат – сигурен сум – во принцип го подготвуваат теренот за започнување напади, веројатно врз главниот град и, веројатно, врз државните згради“, рече Зеленски.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во вторникот им изјави на новинарите дека наводниот украински напад ќе предизвика „зацврстување на преговарачката позиција на Руската Федерација“.
Украинските воздухопловни сили во вторник соопштија дека Русија лансирала две ракети и 60 дронови во земјата во текот на ноќта кон вторник наутро, од кои една ракета и 52 дронови биле соборени. Една ракета и осум дронови погодиле пет локации, соопштија воздухопловните сили.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека четири украински беспилотни летала биле соборени во вторник наутро над јужниот Краснодарски регион.
