Русија ја предупреди НАТО дека е подготвена да посегне по нуклеарно оружје доколку западната алијанса се обиде да го отсече Калининград, руска ексклава што граничи со Балтичкото Море.
Во документ испратен до НАТО, во кој увид имаше агенцијата „Ројтерс“, Москва ја обвини алијансата за опасен и непромислен курс што носи висок ризик од избувнување директен вооружен конфликт. Во документот се наведува дека тоа ја вклучува и можноста за руски напади врз центрите за одлучување во земјите-членки на алијансата, уште од самиот почеток.
„Русија ќе биде подготвена да го искористи целиот арсенал сили и капацитети со кои располага, вклучително и нуклеарното оружје, за да ја одбрани својата територија доколку земјите од НАТО преземат каков било обид за изолирање на регионот Калининград од остатокот на земјата“, се вели во дипломатската нота.
Предупредувањето ја истакна итната загриженост на Москва поради она што таа го претставува како растечка закана од НАТО за Калининград – силно милитаризирана руска територија сместена меѓу Полска и Литванија, која е малку поголема од американската сојузна држава Конектикат.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во коментар на веб-страницата на Министерството, цитираше изјави на високи претставници од земјите на НАТО, за кои рече дека покажуваат русофобија и подготвеност за водење војна со Москва.
Овие поединци, напиша Захарова, „треба да се спуштат на земја. Се надеваме дека нашите предупредувања ќе бидат слушнати од оние до кои се упатени“.
„Ако Европа ја нападне Русија, тоа ќе биде сосема поинаков вид војна – многу кратка војна.“
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека алијансата одговорила на пораката од Русија со зборовите: „Ние сме одбранбена алијанса. И престанете со нуклеарните закани. Тоа е апсолутно непотребно и не помага.“
Во својот одговор на рускиот документ, во кој увид имаше „Ројтерс“, НАТО исто така наведе дека ниту една од неговите вежби или активности не претставува закана за територијата на Руската Федерација.

„Ја повикуваме Руската Федерација да стави крај на својата неиспровоцирана, целосна инвазија врз Украина. Ги повикуваме руските власти да се воздржат од сè поневнимателното однесување кон сојузниците и да престанат со неодговорната нуклеарна реторика“, се наведува во соопштението.
На прашањето дали ризикот од употреба на нуклеарно оружје против балтичките земји сега е реален, Руте на конференција за одбрана во Брисел, организирана од медиумот „Еуроњуз“, изјави: „Не, не е. Путин знае дека никогаш не може да победи против НАТО, така што не го сфаќам тоа премногу сериозно“.
Николај Соков, аналитичар за нуклеарни прашања од Виена и поранешен руски дипломат, изјави дека за западните земји станува сè потешко да ја зголемуваат поддршката за Украина без притоа да навлезат во директна конфронтација со Москва.
Тој рече дека руското предупредување може да укажува на тоа оти тврдокорните струи добиваат влијание во дебатата за тоа како да се одговори на потезите на Западот, кои вклучуваат испорака на оружје за Киев, нови санкции против Москва, пресретнување на руски бродови, чести воени вежби и разузнавачки летови во близина на Калининград.
„Русија очекува повеќе акции, вклучително и блокада на Балтичкото Море – што според европските пресметки би било под прагот на војна, но за нив тоа би значело отворена војна. Гледам ризик од меѓусебна погрешна проценка“, рече Соков.
Во онлајн интервју, тој изјави дека Русија и Европа се движат кон судир. На двете страни им се потребни претпазливост и внимателно планирање.
Наместо тоа, Европејците вршат притисок со сите сили, а Русија упатува сериозно предупредување дека тоа е крајно ризично, додаде Соков.
Покрај неофицијалното предупредување, руските амбасади во најмалку три европски земји во изминатите три дена објавија соопштенија во кои го обвинуваат НАТО за ескалација на тензиите преку воени вежби и планирање сценарија што го вклучуваат Калининград.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги опиша овие потези како дипломатски потсетници упатени до „жешките глави во Европа“. Односите, кои веќе беа крајно влошени по руската инвазија на Украина во 2022 година, дополнително и нагло се влошија оваа година, при што европските влади ја обвинуваат Москва за интензивирање на хибридната војна на континентот преку дејствија како што се саботажи и подметнување пожари.
Русија го негира тоа и ги отфрла постојаните тврдења на западните политичари дека се подготвува за можен воен напад врз земја-членка на НАТО.
Дипломат од НАТО изјави: „Би рекол дека руското писмо е само уште еден обид на Русија да ги заплаши Европејците и дека одговорот на НАТО е цврст и одговорен. Тоа потврдува дека нема да се откажеме од поддршката за Украина.“
Висок европски претставник за одбрана изјави: „Ова е првпат од Студената војна Русија вака да ни се заканува. Значи, ситуацијата е сериозна.“