Новата мерка е одговор на планот на Брисел да се зема отпечатоци од Русите кои сакаат да влезат во ЕУ

Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша указ со кој сите лица што со виза ќе патуваат во Русија, ќе мора да дадат и отпечатоци од прсти.

Предлогот за воведување задолжително земање отпечатоци од прсти го даде Министерството за надворешни работи на Русија, како одговор на планираните мерки на Брисел од 2015 година да се земаат отпечатоци од прсти на Русите кои сакаат да влезат во Европска Унија.

Во документот, објавен на веб-страницата на владата е наведено дека задачата ќе ја спроведе Министерството за надворешни работи во соработка со Сојузната служба за безбедност, јавува агенцијата РАИ.

Отпечатоците од прсти ќе послужат за подобрување на ефикасното спроведување на законот, вклучувајќи ја илегалната миграција и забрана за влез во Русија на осомничените за тероризам.