Русија ја забрани работата на Амнести интернешенел, Хјуман рајтс воч и други меѓународни организации

Руските државни власти вчера соопштија дека ја забрануваат работата на нивната територија на 15 меѓународни организации, меѓу кои се Амнести интернешенел, Хјуман рајтс воч, фондациите „Фридрих Науман“, „Фридрих Еберт“, „Хајнрих Бел“, „Ага Кан“, „Карнеги“ и други, јавува Радио Слободна Европа на македонски јазик. 

Ваквиот чекор на Кремљ доаѓа откако Русија на 24 февруари ја започна воената агресија врз Украина, а за што Генералното собрание на Обединетите нации пред неколку дена ја исфрли Русија од Советот за човекови права на ОН поради сторените воени злосторства во Украина.

Амнести интернешенел за затворањето на канцеларијата во Москва информира: „Кога Кремљ се обидува да те замолчи, тогаш правиш нешто исправно“, напиша генералната секретарка на Амнести, Агнес Каламар, пренесува Дојче Веле сервисот на македонски јазик.

Хјуман рајтс воч работи во Русија веќе 30 години, додека Амнести интернешенел е присутен во земјата од 1993 година.

Без да наведуваат детални информации за упатената забрана за работа, руското Министерство за правда единствено преку соопштение информираше за донесената одлука.

„Тие беа отстранети од регистарот на меѓународните организации заедно со 13 други странски невладини организации поради „прекршување на важечкото законодавство на Руската Федерација“, соопштија од руското Министерство за правда.

Хјуман рајтс воч и Амнести интернешенел веќе најавија дека и покрај забраната за работа во Русија, тие ќе продолжат со работа во оваа земја, акцентирајќи дека ќе продолжат да ги документираат прекршувањата на човековите права во Русија.

Уште пред да започне воената агресија врз Украина, Русија во неколку наврати презеде радикални недемократски чекори, почнувајќи од вметнувањето на критички настроени интелектуалци, новинари и јавни личности како „странски агенти“ на листата на Министерството за правда. Како последни, на оваа лица се најдоа уште шест лица од Русија, вклучувајќи го и популарниот руски рапер Фејс, (Иван Дремин), кој се изјасни против воената кампања во Украина и ја напушти земјата во знак на протест.