Русија ја прогласи Мета на Закерберг за терористичка и екстремистичка организација

Фејсбук / Facebook
фото: geralt / Pixabay

Руските власти ја додадоа Мета, компанијата која е сопственик на Фејсбук и Инстаграм, на списокот на терористички и екстремистички организации, пренесе британскиот јавен сервис Би-би-си.

Двете платформи беа забранети во Русија во март поради „русофобија“. Тоа уследи по најавата на Мета дека ќе дозволи објавувања како „смрт за руските напаѓачи“, но не и веродостојни закани против цивили.

Мета поднесе жалба против забраната, но таа беше потврдена од московскиот суд во јуни. Забраната не се однесуваше на WhatsApp, кој исто така го поседува Мета.

Инстаграм останува огромен во Русија, а широката употреба на виртуелни приватни мрежи (VPN) значи дека забраната на платформата всушност не ги спречува луѓето да пристапуваат до неа.

Сепак, оваа нова официјална ознака „терористичка“ може да го промени тоа. Тоа може да значи дека сега е кривично дело да се користи Instagram, дури и преку VPN.

За сега, не е јасно дали ознаката го вклучува Ватс-Ап. Забраната на најпопуларната апликација за пораки во Русија ќе ги отсече граѓаните од надворешниот свет на навистина сериозен начин.