Русија утрово изврши масовен напад со беспилотни летала и ракети врз Украина, при што загинаа најмалку осум лица, а беа оштетени станбени згради, индустриски капацитети и инфраструктура, соопштија украинските власти.
Две лица загинаа во главниот град Киев, четири во северниот град Прилуки и две во централниот регион Полтава, соопштија властите.
„Украина повторно беше погодена од руски ракети во текот на ноќта“, изјави Дмитро Лубинец, украинскиот парламентарен комесар за човекови права, на апликацијата Телеграм.
„Уште една ноќ без сон, уште еден чин на терор, по кој луѓето сепак мора да го планираат својот работен ден и покрај сè“, додаде тој.
Русија лансираше 130 беспилотни летала, 48 крстосувачки ракети, како и балистички ракети за напад врз Украина, соопштија украинските воздухопловни сили. Единиците за противвоздушна одбрана соборија 161 цел, се наведува во соопштението на Телеграм.
Киев и Полтава во централна Украина, југоисточниот регион Днепропетровск и Харков на североистокот беа главните цели на руските напади, соопштија украинските воздухопловни сили.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека неговите сили извршиле масовен удар врз воено-индустриски капацитети во Киев и други украински региони, користејќи високопрецизно оружје лансирано од копно, море и воздух, како и беспилотни летала.
Се наведува дека меѓу целите биле локации каде што украинската одбранбена компанија „Фајр Поинт“ ги произведува и складира своите крстосувачки ракети „Фламинго“ и беспилотни летала со среден и долг дострел, во Киев, како и во регионите Киев, Чернихив, Кировоград, Днепропетровск, Полтава и Харков.
Минатата недела, претседателот Володимир Зеленски изјави дека Украина ја употребила својата прва балистичка ракета од домашно производство во борбени услови, произведена од „Фајр Поинт“.
Во интервју за Ројтерс минатата недела, Зеленски рече дека очекува компанијата до есента да ја има подготвено ракетата „ФП-9“ (FP-9) со поголем дострел, за која компанијата тврди дека ќе може да стигне до Москва.
Во Прилуки, во северниот регион Чернихив, руска ракета удри во станбена зграда од пет ката, соопштија регионалните власти. Најмалку четири лица загинаа на самото место, а 20 беа повредени, додека постои можност уште жители да се затрупани под урнатините, изјавија локалните власти.
На видеоснимките се гледаше како спасувачи извлекуваат луѓе од под урнатините.
Многу жители на Киев побараа засолниште во длабоките подземни станици на метрото, откако украинските власти и военото разузнавање издадоа предупредувања за претстојните напади.
Неколку силни експлозии одекнаа низ главниот град во текот на ноќта, изјавија сведоци за Ројтерс.
„Метрото е подобро решение бидејќи живееме на деветтиот кат во висока зграда, а навистина е страшно кога си на деветтиот кат, а кон тебе летаат ракети“, изјави за Ројтерс Лесја, 49-годишна жителка на Киев.
Украинските власти соопштија дека, покрај беспилотните летала, руските балистички ракети исто така го нападнале Киев.
Украина со месеци се соочува со критичен недостиг на системи за противвоздушна одбрана, што ги поттикна Зеленски и другите официјални претставници постојано да бараат помош и дополнителни испораки на оружје.
