Русија утрово го започна својот последен масивен воздушен напад против Украина користејќи крстосувачки ракети за да ја таргетира енергетската инфраструктура низ целата земја, посебно во западните погранични региони, пренесува „Гардијан“.
Во нападот биле користени и десетици дронови. Претседателот Володимир Зеленски тврдел дека Русија користела 93 проектили и над 200 беспилотни летала во нападот. Тој рекол дека украинските сили успеале да соборат 81 од проектилите, вклучително и 11 кои биле успешно цел на авионите Ф-16.
Како што пренесува „Гардијан“, воздухопловните сили на Украина соопштиле дека рускиот напад вклучувал хиперсонични ракети Кинжал лансирани од воздух.
Министерот за енергетика Херман Халушченко рекол дека енергетските работници прават се што е можно за „да ги минимизираат негативните последици за енергетскиот систем“.
Русија систематски ја гаѓаше цивилната енергетска инфраструктура на Украина во последниве месеци, во обид да сее хаос во земјата пред зимата, кога температурите ќе паднат многу под нулата во поголемиот дел од Украина.
Свитлана Онишчук, шеф на западниот регион Ивано-Франковск, рекла дека областа го претрпе „најголемиот напад од почетокот на војната во полн обем“, од крстосувачки ракети и беспилотни летала.
„Целите се критична енергетска инфраструктура. За среќа, во моментов нема жртви“, напишала таа.